Центарот за економски анализи (ЦЕА) објавува јавен повик за доделување девет грантови на граѓански организации за спроведување независен локален мониторинг на климатското финансирање во девет општини во Република Северна Македонија.

Повикот се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на интегритетот во климатското финансирање: Транспарентно и отчетно климатско финансирање за спречување на корупцијата“, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за владеење на правото“ (IPA 2021).

Целта на повикот е да се зајакне улогата на граѓанските организации во следењето на планирањето, распределбата и користењето на јавните средства поврзани со климатските промени и животната средина, како и да се придонесе кон поголема транспарентност, отчетност и интегритет во управувањето со климатското финансирање на локално ниво.

Финансиска поддршка и опфат

Во рамки на повикот ќе бидат доделени девет грантови, со максимална вредност од 244.000 денари по грант, односно вкупно расположливи средства од 2.196.000 денари. Не е потребно кофинансирање од страна на апликантите.

Грантовите се наменети за спроведување мониторинг во следните девет пилот-општини:

Делчево, Кочани, Свети Николе, Крива Паланка, Босилово, Демир Хисар, Боговиње, Струга и Гази Баба.

За секоја општина е предвиден по еден грант.

Мониторингот ќе се спроведува во периодот од 1 јануари до 31 декември 2027 година, со подготовка на квартални мониторинг-извештаи и завршно известување до 31 јануари 2028 година.

Кој може да аплицира?

Право на учество имаат здруженија и фондации регистрирани во Република Северна Македонија, кои имаат релевантно искуство или дејствуваат во областите на животната средина и климатските промени, јавните финансии, локалната самоуправа, доброто владеење, антикорупцијата или граѓанското учество.

Предност при оценувањето ќе имаат локалните и малите граѓански организации, особено оние со седиште и активност во општината за која аплицираат или во соодветниот плански регион.

Се охрабруваат да аплицираат и организации кои работат со млади, жени, етнички заедници, лица со попреченост и жители на руралните средини.

Секоја организација поднесува една апликација, со избор на примарна општина. Под условите предвидени во Упатството, може да изрази интерес и за дополнителна пилот-општина.

Што опфаќа мониторингот?

Избраните граѓански организации, со обука и менторска поддршка од ЦЕА, ќе ја применуваат развиената Рамка и методологија за мониторинг на управувањето со климатското финансирање на локално ниво, вклучително и Индексот за управување со климатското финансирање (CFGI).

Активностите ќе вклучуваат прибирање и анализа на општински буџетски и други релевантни документи, оценување на индикаторите за управување со климатското финансирање, подготовка на квартални извештаи и формулирање препораки за подобрување на транспарентноста и отчетноста.

Посебно внимание ќе биде посветено на соработката со општинските администрации, јавното споделување на наодите и застапувањето за спроведување на препораките.

Методологијата, која претставува задолжителна основа за подготовка на апликацијата, е достапна на следниот линк.

Рок и начин на аплицирање

Краен рок за доставување на апликациите: 19 ноември 2026 година (четврток), до 23:59 часот.

Апликациите се доставуваат исклучиво по електронски пат, на македонски јазик, на адресата:

ceaorgmk@gmail.com

Со наслов на пораката:

„Апликација ЦЕА-КФ-МОН-01/2026 – [назив на организацијата] – Лот [број]“

Апликацијата треба да биде подготвена на пропишаните обрасци и да ја содржи целокупната задолжителна документација наведена во Упатството за апликанти.

Покрај пополнетите анекси, потребно е да се достават и тековна состојба од Централниот регистар, тековна состојба за вистинските сопственици на субјектот и доказ за активна трансакциска сметка.

Документација за преземање

Заинтересираните организации треба внимателно да го разгледаат Упатството за апликанти и да ги користат пропишаните обрасци:

  1. Упатство за апликанти – услови, критериуми, постапка и рокови.
  2. Анекс 1 – Апликациски формулар.
  3. Анекс 2 – Концепт за разбирање на методологијата.
  4. Анекс 3 – Буџет  (Excel).
  5. Анекс 4 – Изјава на апликантот.
  6. Анекс 5 – Биографии (CV) и изјави за ангажман и достапност.

Прашања и дополнителни информации

Заинтересираните организации можат да достават писмени прашања најдоцна до 13 ноември 2026 година, до 16:00 часот, на електронската адреса ceaorgmk@gmail.com, со наслов „Прашања ЦЕА-КФ-МОН-01/2026“.

Одговорите на пристигнатите прашања ќе бидат објавени на веб-страницата на ЦЕА на 16 ноември 2026 година.

Референтна ознака на повикот: ЦЕА-КФ-МОН-01/2026


Овој документ е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Центарот за економски анализи (ЦЕА) и под никакви околности не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.