Во рамки на Проектот „Зајакнување на интегритетот во климатското финансирање”, спроведуван од ЦЕА со поддршка на Европската Унија, подготви извештаи коишто го анализираат управувањето со климатските финансии во девет општини, преку перцепциите на граѓаните и искуствата на бизнис-заедницата. Извештаите го надополнуваат институционалниот преглед од претходните фази на проектот и заедно, укажуваат на слични предизвици препознаени од институциите, граѓаните и бизнис-секторот во истите области на управувањето.

Три извори со слични наоди

Кога институционалните податоци, перцепциите на граѓаните и искуствата на бизнис-секторот се разгледуваат заедно, се издвојува доследен образец. Јавните набавки се потврдуваат како областа со најизразена перцепција за ризик: 28% од граѓаните ја посочуваат постапката за избор на изведувачи како област со најголем ризик во целиот процес, а сличен образец се забележува и во анкетата на бизнисите – од 146 испитани локални бизниси, 80,1% никогаш не учествувале во општинска јавна набавка поврзана со зелено/климатско финансирање. Од оние што учествувале, и не биле избрани, го истакнуваат ризикот со фазата на извршување на договорите – зголемени трошоци, задоцнета испорака, нејасни критериуми.

Познавање наспроти учество

И граѓаните и бизнисите покажуваат релативно висока свесност за климатските прашања, но познавањето делумно се преточува во нивно активно учество во носењето на политиките и одлуките на локално нисо. Индексот на учество кај граѓаните изнесува 16,2 од 100 поени – меѓу сите шест мерени димензии, учеството е димензијата со најслаб резултат. Според истражувањето, само 10% од граѓаните биле консултирани за климатски прашања во последните три години.

Препознатливост и доверба во надзорните институции

Институциите надлежни за следење на трошењето на јавните средства – Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР) – спаѓаат меѓу институциите кои се со најниско ниво на препознавање од страна на граѓаните и доверба.

Разлики меѓу општините

Композитниот индекс на управување меѓу деветте опфатени општини има широк опсег, што укажува дека одделни општини постигнуваат подобри резултати во одредени аспекти на управувањето на климатските финансии споредено со други и размената на добри практики меѓу единиците на локална самоуправа е неискористен простор со потенцијал за понатамошно унапредување.

За извештаите

Наодите произлегуваат од трите извештаи на проектот, кои може детално да ги разгледате:

Наодите директно се надоврзуваат на претходно објавената Основна оценка на интегритетот и климатски-финансиски ризици и Мапирањето на институционалните капацитети на 9-те општини спроведени во претходните фази на проектот.

Проектот „Зајакнување на интегритетот во климатското финансирање” е финансиран од Европската Унија и го спроведува Центарот за еконосмки анализи (ЦЕА).