Центарот за економски анализи (ЦЕА) беше ангажиран и успешно реализираше активности во рамките на проектот „Заедници со интегритет. Оваа иницијатива е раководена од Националниот демократски институт (NDI), со финансиска поддршка од владите на Швајцарија и Шведска.
ЦЕА беше ангажирана како експертска организација, од страна на NDI за спроведување на Основни оценки (Baseline Assessments) за управување со јавните финансии (УЈФ) во шест пилот-општини: Битола, Боговиње, Гази Баба, Куманово, Штип и Струмица.
За да се обезбедиме прецизни, објективни и применливи наоди за локалните самоуправи, применивме методологија на триангулација и процесот се реализираше процесот во три клучни фази:
- Проценка: Ги идентификувавме тековните практики во УЈФ, со детален преглед на институционалната поставеност и успешноста во клучните локални надлежности во изминатите неколку години.
- Анализа: Спроведовме длабинска евалуација на ризиците од корупција на системско, институционално и индивидуално ниво.
- Формулирање: Развивме структурирани препораки и насоки за ублажување на ризиците и подобрување на ефикасноста во управувањето.
Активностите на ЦЕА опфатија директно и интензивно вклучување на засегнатите страни преку:
- Спроведување на структурирани прашалници кои го опфаќаат целиот буџетски циклус.
- Интервјуа на терен (on-site) со претставници на локалните самоуправи.
- Детална проверка и верификација на официјални документи и алатки за транспарентност.
Процесот се заокружи со работилници за валидација, каде заедно со општините ги потврдивме наодите и ги дефиниравме приоритетните препораки.
Наодите кои ги подготви ЦЕА содржат согледувања за системските предизвици (празнини во планирањето, фрагментирано управување со ризици и ограничувања во човечките ресурси). Овие извештаи можат да им послужат на општините како корисна алатка за зајакнување на отпорноста на локалните системи кон корупција и за креирање на конкретни акциски планови за реформи.













