И оваа Влада продолжи со имплицитното толкување на Законот за додадена вредност – дека на ДДВ подлежат сите физички лица што остваруваат приходи над специфицираниот праг, без оглед на основата на тие приходи, освен платата – без притоа да има било какви измени и дополнувања на законот.

Владеењето на правото е главната причина за загриженост на граѓаните на Република Македонија. Впрочем, тоа е веќе емпириски фактпотврден и од меѓународните фактори. Перспективите за подобро владеење на правото, со помош на разбудениот граѓански стратум, се подобрија по смената од власт на политичкиот пропонент на заробената држава во 2017 година. Сепак, рецидивите од таквото владеење се` уште го загрозуваат почитувањето на правото, нејасните законски решенија и арбитрарност во нивна имлементација како и правото на даночните обврзници во Република Македонија

Владеењето на правото и примената на Законот за данок на додадена вредност

Кога сегашната влада дојде во позиција да покаже поинаков пристап во поглед на владеењето на правото, се појави првичната загриженост во експертската и во граѓанската јавност за владеењето на правото во даночната сфера. Имено, откако во 2014-15 година, владата изврши допрецизирање на дејностите што подлежат на Данок на додадена вредност (ДДВ) и во режимот ги опфати и членовите на управните и надзорните одбори, како и физичките лица – издавачи на деловен простор на фирми, тогаш почна да се наметнува и имплицитно толкување дека на ДДВ подлежат сите физички лица што остваруваат приходи над специфицираниот праг, без оглед на основата на тие приходи, освен платата. Тогашната влада никогаш не се изјасни за овие шпекулации во јавноста, ниту, пак, почна со присилно извршување на законот според таквото паушално толкување.

Она што изненади е дека и оваа Влада во јануари 2018 година преку Управата за јавни приходи (УЈП) продолжи со таквото имплицитно толкување без притоа да има било какви измени и дополнувања на Законот за ДДВ. Граѓанскиот сектор силно реагираше на ваквото толкување на Законот за ДДВ и даде предлози за подетално регулирање на Законот за ДДВ, за унапредување на административниот капацитет на УЈП и нејзините услуги и за конечно да запре патронскиот пристап на УЈП кон даночните обврзници и УЈП да премине кон вистински сервис кон нив. По реакцијата на 13 граѓански организации, директорката на УЈП во изјава за јавноста укажа дека новата Влада нема направено никаква измена во Законот за ДДВ, дека не се сите физички лица обврзници за ДДВ, дека станувало збор за мал број лица, дека обврската ја имаат лица кои вршат самостојна дејност и тоа во континуитет, го надминуваат прагот за регистрација и дека УЈП и Министерството за финансии ќе направеле сериозна анализа во поглед на ДДВ за идната година.

Сепак, загриженоста остана кај засегнатите страни и по појавата на т.н. „службена регистрација“ на физички лица од страна на УЈП по што граѓанските организации реагираа со писмо до Претседателот на Владата со барање за средба за да ги образложиме нашите аргументи. Притоа, писмото било препратено до Министерството за финансии и до УЈП каде по нивно барање остваривме средба за уште еднаш да укажеме на нашите аргументи. На тоа, даночниците од Министерството за финансии стерилно одговараа дека Законот за ДДВ бил јасен, иако не е воопшто јасно што е тоа самостојна дејност за цели на ДДВ, што е тоа континуитет во испорака на добра и услуги кај физички лица, кои се тие одбивни ставки за кои даночните обврзници ќе имаат можност да остварат право на одбивка, дали прагот од еден милион денари е административно економичен и ефикасен за УЈП, дали фискалниот ефект од тој „мал број лица“ го надминува административниот трошок на УЈП и дали административниот трошок на УЈП за администрирање на тој „мал број лица“ не генерира опортунитетен трошок за времето кое можело, а не се алоцирало за ДДВ администрирање на големите даночни обврзници.

Дополнително, претставниците на УЈП побараа од нас да дадеме примери од ЕУ за праксата за примена на ДДВ за физички лица. И конечно, на нашите укажувања дека УЈП и Министерството за финансии треба да организираат едукативни сесии за граѓанскиот сектор, ни укажаа дека нивните расположиви ресурси не дозволуват организирање на такви сесии, но дека се спремни да соработуваат со граѓанскиот сектор за организирање вакви активности. Овде само сакаме да укажеме дека регулативата, на пример, во Албанија уредува регионалните центри на УЈП во државата задолжително да имаат даночни инспектори кои ја познаваат работата на граѓанскиот сектор.

Загриженоста за невладеењето на правото во даночната сфера е поткрепена и со фактот што не така одамна, во 2012 година, Претседателот на тогашната Влада пред деловната заедница обзнани доцнења од страна на државата во роковите за подмирување на долговите по основ на поврат на ДДВ кои тогаш беа оценети на повеќе од 90 милиони евра.

Доколку се разгледаат јавно достапните податоци за висината на ДДВ на нето основа (слика 1), таквата пракса на неспроведување на Законот за ДДВ од страна на државата веројатно се практикувала и на почетокот на 2015 година, на што укажуваат острите падови на нето вредноста на ДДВ на квартално ниво, а на кои им претходи период на повисока вредност на нето приходи од ДДВ.

Целосната статија е достапна на http://respublica.edu.mk