Ефективното и одржливо климатско финансирање на локално ниво не зависи само од висината на достапните средства, туку пред сè од квалитетот на управувањето со нив низ целиот буџетски циклус.

Нашиот најнов Бриф за политики бр. 2, подготвен во рамки на проектот Зајакнување на интегритетот во локалното климатско финансирање финансиран од Европската Унија, покажува дека три независни извори на докази – институционалната анализа (PEFA Climate), перцепцијата на граѓаните и искуството на бизнис-секторот – наведуваат кон ист заклучок: локалните климатски средства се соочуваат со недостаток на соодветно буџетско означување, недоволно наративно известување и зголемен ризик од корупција.

Клучни наоди од анализата:

  • Главната ранлива точка е извршувањето: Ризикот од корупција е најконцентриран во фазата на јавни набавки и управување со договори. Дори 28% од граѓаните го посочуваат изборот на изведувачи во јавните набавки како област со најголем ризик од корупција, додека 80,1% од анкетираните бизниси никогаш не учествувале во општинска зелена/климатска набавка.

  • Слабости во сите 4 фази: Ризиците потекнуваат уште од фазата на планирање (ниту една од 9-те анализирани општини нема систем за климатско означување – CRPFM-2 е оценет со Д) и продолжуваат низ известувањето (недостаток на елаборирани наративни извештаи за советите) и надворешниот надзор.

  • Голем неискористен потенцијал: Свесноста кај граѓаните и подготвеноста кај бизнисите за зелени инвестиции се релативно високи, но постоечката институционална рамка не ги претвора успешно во учество, надзор или подобрена доверба.

  • Значителни разлики меѓу општините: Композитниот индекс на управување варира од 46 до 19 поени (0–100), што покажува дека решенија постојат и се остварливи на локално ниво, но недостига систем за размена на добрите практики.

Што препорачуваме?

За надминување на овие предизвици, потребни се координирани мерки:

  1. Централна власт: Воведување задолжителна методологија за климатско означување и законска обврска за стандардизирано наративно известување.

  2. Општини: Дигитализација и јавна објава на критериумите и резултатите од климатските набавки, како и организирање наменски јавни расправи за климатскиот дел од буџетот.

  3. Граѓани и бизниси: Проактивно учество во консултациите, барање поголема отчетност и користење на механизмите за пријавување неправилности.

Прочитајте го целиот бриф за политики и дознајте ги деталните препораки за зајакнување на локалното добро управување.

📄 Преземете го Брифот за политики #2 (MK)