Центарот за економски анализи и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ презентираа два документи за јавни политики кои се однесуваат на елементи од процесот на проценка на влијание на регулативата (ПВР). Публикациите во вторникот (12.12.2017) ги претставија авторите Наталија Шикова и Горан Ковачев на промоцијата која се одржа во хотел Холидеј ИН.
Документите за јавни политики се изработени во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“ чиј буџет изнесува 332.099 ЕУР и е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија со удел од 298.889 ЕУР.
Шикова во документот „Анализа на квалитетот на формуларите за проценка на влијание на регулативата“ ги обработува начинот и квалитетот на пополнетите ПВР формулари од страна на државните службениците. Квалитетот на пополнетите формнулари се предлага да биде и еден од индикаторите за тоа до која мера Владата, односно министрите ги следат пропишаните процедури и со каква сериозност пристапуваат кон процесот за ПВР.
Резултатите од оваа анализа укажуваат на слаб квалитет на формуларите за ПВР, проследен со недоволна транспарентност на процесот, непридржување кон временската рамка за спроведување. Се забележува и неажурираност на податоците, недостаток на длабоки и суштински анализи, што севкупно укажува на потреба од посериозна посветеност, квалификуван кадар за спроведување на ПВР, како и очигледна потреба од суштински надзор.
„Нацрт–извештаите за ПВР не содржат доволно податоци што на носителите на политики би им овозможиле формирање решение базирано врз докази, а на граѓаните пак целосен увид во проблемите, во можните решенија и во трошоците од нивното спроведување“ посочува Шикова.
Ковачев во документот “Анализа на трошоците на процесот на проценка на влијанието на регулативата” ја образложува потребата и предлага рамка со која ќе се пресметува колку чини самиот процес на проценка на влијание на регулативата, во човечки ангажман и пари на граѓаните.
„Главен предуслов за квалитетна анализа на трошоците на процесот на ПВР е достапноста и квалитетот и ажурноста на финансиските податоци. Недоследноста кон овој предуслов директно влијае на правилното изразување на трошоците, согласно добрите пракси на сметководствено-финансиското работење“ вели Ковачев.
Во документот се предлага и вклучување на Државниот завод за ревизија како коректор на анализата на трошоците како и вклучување на ваква пресметка на трошоците ако евентуално се воведе алатка „Калкулатор на регулатива“. Калкулаторот, како алатка која веќе се применува во други држави, им овозможува на службениците, креаторите на политики и законодавците на едноставен начин да ги пресметаат трошоците од предложената регулатива и тоа да биде јавно достапно.
Проектот „ПВР во сенка“ се спроведува во периодот од јануари 2017 до декември 2019г. Со цел да се утврди како се спроведува процесот на ПВР при создавањето на законите и каква е можноста за граѓанските организации да се вклучат во создавањето на јавните политики.
Целта на проектот е да се зголеми можноста за активно вклучување на граѓанските организации во ПВР процесот и во реформите на јавните политики преку вмрежување, инклузивни консултации и обуки. Проектот посветува особено внимание кон создавање врски помеѓу актерите од граѓанското општество и државните институции. Доброто спроведување на ПВР ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси.
Документите се достапни на следните линкови:
Анализа на квалитетот на формуларите за проценка на влијание на регулативата
Анализа на трошоците на процесот на проценка на влијанието на регулативата
Симулација за пресметка на трошоците XLS
COST ANALYSIS OF THE REGULATORY IMPACT ASSESSMENT PROCESS
Analizë e shpenzimeve të procesit të ndikesës së rregullativës
Галерија
Документите за јавни политики се изработени во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“ чиј буџет изнесува 332.099 ЕУР и е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија со удел од 298.889 ЕУР.