Дали регулирањето на цените на горивата автоматски значи заштита за потрошувачите од ценовните шокови?

Новата анализа на Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, изработена од Јусеф Ламрани Лагриб под менторство на ЦЕА, обработува месечни податоци (2010–2025) за да даде одговор на ова прашање. Анализата прави споредба меѓу Северна Македонија и Мароко – и двете земји се целосно увозно зависни од нафта, но имаат сосема различни модели за формирање на цените и курсните режими.

Резултатите не се во целосна согласност со економските очекувања

Клучни наоди: Теоријата наспроти практиката

Според економската теорија, либерализираните пазари брзо ги пренесуваат ценовните шокови, додека регулираните системи ги ублажуваат и амортизираат. Ова истражување покажува поинаква слика:

  • Преносниот канал преку девизниот курс функционира според очекуваното: Флексибилниот курс на мароканскиот дирхам пренесува околу 2,4 пати повеќе од валутните осцилации врз крајните цени на горивата (0,178), за разлика од македонскиот денар (0,075), чија вредност е фиксирана за еврото.
  • Преносниот канал преку берзанската цена на нафтата функционира во спротивна насока: Регулираната цена преку формула од РКЕ во Северна Македонија ги пренесува движењата на цената на суровата нафта речиси двојно посилно (0,166) во споредба со либерализираниот пазар во Мароко (0,081).
  • Механизмот на РКЕ нема вграден амортизер: формула во РСМ ги прилагодува цените на нафтата на секои седум дена, врзувајќи ги директно за меѓународните берзански цени и фиксните регулирани маржи. На тој начин, секој берзански скок директно се прелева на бензинските пумпи. За разлика од ова, приватните дистрибутери во Мароко флексибилно ги прилагодуваат своите профитни маржи во кус рок, со што привремено го преземаат и ублажуваат првичниот удар за граѓаните.
  • Фиксираниот денар за еврото не го елиминира доларскиот ризик: Иако денарот е врзан за еврото, нафтата на светските берзи се тргува во американски долари. Податоците покажуваат дека односот MKD/USD има поголема варијабилност (9,03% коефициент на варијација) од односот MAD/USD во Мароко (7,62%).
  • Неизвесно враќање на инфлацијата во рамнотежа: Во Мароко, после почетен нафтен шок, инфлацијата се само-коригира и се преполовува на за период од 13 месеци. Во Северна Македонија, процесот на корекција на општото ниво на цени е статистички нестабилен коефициент, што укажува дека не можеме јасно да детектираме дека домашната инфлација има сигурен механизам за автоматско смирување откако инфлацијата е исфрлена од рамнотежа.

Статистички преглед на преносот на цените

 Препораки за креаторите на политики

За Северна Македонија:

  1. Вградување заштитен механизам (амортизер) во формулата на РКЕ: Се препорачува воведување подвижен просек (пр. од 4 до 6 недели) за светските берзански цени и курсот на доларот, во комбинација со ограничување (горна граница) на максималната неделна промена на цените.
  2. Активно следење на осцилациите на доларот: фиксниот курс на денарот за еврото го штити денарот во трговијата со Европа, но не го елиминира валутниот ризик кај енергенсите кои се плаќаат во долари.
  3. Затегнување на монетарната политика нема значајно влијание врз инфлацијата предизвикана од нафтени шокови: Промените на основната каматна стапка на централната банка немаат статистички значајно влијание врз ублажувањето на инфлацијата предизвикана од нафтени шокови. Главен инструмент за справување со овие шокови треба да биде методологијата за одредување на цените.

За Мароко:

  1. Директен мониторинг на маржите на дистрибутерите: Ублажувањето на цените преку маржите на приватниот сектор е поволно за државниот буџет, но може да затаи при долготрајно високи цени на нафтата на светските берзи.
  2. Фокус врз управувањето со девизниот курс: Бидејќи курсот е доминантен преносен канал во Мароко, контролата на девизните движења од страна на централната банка останува клучна за справување со увозната инфлација.

За истражувањето: Оваа анализа се заснова на студијата “Two Roads from Brent to the Basket: Oil Price Pass-Through in Morocco and North Macedonia”, изработена од Јусеф Ламрани Лагриб за време на неговиот истражувачки престој и под менторство на Центарот за економски анализи (ЦЕА) – Скопје.

Брифот од анализата “Two Roads from Brent to the Basket исто така е достапен тука.