Основна оценка на климатските финансии во Северна Македонија: системски слабости, фрагментирано финансирање, ризици од неправилности
Новата студија на ЦЕА детектира дека општините трошат помалку од 0,3% од своите буџети за заштита на животната средина. Додека во брифот за политики се потенцира потребата од зајакнување на интегритетот.
Центарот за економски анализи (ЦЕА), во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот во финансирањето на климатските промени“, финансиран преку програмата „ЕУ за владеење на правото” (ИПА 2021), спроведе основна оценка на климатски финансии во Северна Македонија, како сеопфатна анализа на процесите на управување со јавните финансии во контекст на буџетскиот циклус.
Оценката е во соодветен момент бидејќи од една страна Северна Македонија се обврза на амбициозни климатски цели, а од друга страна нема воспоставено функционален систем за следење на тоа колку јавни средства реално се трошат за спроведување на климатска акција, ниту пак постои воспоставен механизам кој гарантира дека тие средства ја остваруваат целта. Во услови кога притисокот за зелена транзиција расте, оваа студија нуди поглед во состојбата за имплементација на климатско буџетирање.
Извршно резиме
Главниот заклучок од студијата е дека квалитетот на системите за управување со јавните финансии (УЈФ) на локално ниво е одлучувачки фактор за постигнување ефикасна, правична и ослободена од корупција климатска акција. Иако општините имаат сè поголема улога во спроведувањето на климатски политики (од урбанизам до управување со отпад и водоснабдување) постојните слабости во финансиските системи ја намалуваат ефективноста на инвестициите и го зголемуваат ризикот од потенцијална злоупотреба на јавните средства.
Клучни наоди
- 1,3% од централниот буџет и 0,3% од локалните буџети може да се идентификуваат како трошења за животната средина
Анализата на буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година покажува дека функцијата „Заштита на животната средина” зазема само 1,3% од вкупните буџетски расходи. На локално ниво буџетските средства потрошени во рамки на буџетската програма за заштита на животната средина кај сите општини кумулативно, изнесувала 140 милиони денари во 2024 година што претставува 0,3% од вкупните расходи на ЕЛС. Дополнително, од планираните средства реализирани биле само 36%, а капиталните инвестиции во рамки на истата буџетска програма се реализирале само со 21%.
Овој наод укажува на неусогласеност меѓу декларираните приоритети и реалните буџетски алокации.
- Нема воспоставено систем за климатско означување што ги прави јавните средства недоволно видливи
Критичен системски наод е и отсуството на климатско буџетско означување („climate budget tagging“), како на ниво на централниот така и кај локалните буџети. Без воспоставен систем на означување не е можно да се утврди кои и колку јавни средства се наменети и реализирани за климатска адаптација или ублажување. Климатските расходи се дисперзирани низ различни програми и потпрограми, без унифицирана методологија за следење.
Ова создава „сива зона” во која средствата може да се пренаменуваат, се остава простор за дискреционо одлучување, и без можност за навремена реакција. Отсуството на климатско означување, оттука оневозможува ефективен и навремен надзор и ревизијата на успешност.
- Корупциските ризици се системски и присутни во сите фази на буџетскиот циклус
Врз основа на методологијата на ОН за антикорупциска проценка на ризикот, студијата идентификува ризици во сите четири фази на буџетскиот циклус – планирање, извршување, известување и надзор.
Во фазата на планирање, нејасните критериуми за избор на проекти за заштита на животната средина и климатска акција, отвораат просторот за потенцијални политички влијанија и фаворизирање. Во фазата на извршување, доминантниот критериум „најниска цена” во јавните набавки, заедно со недостатокот на „зелени” технички спецификации, создава услови за „greenwashing„ (пр. средства наменети за климатски цели може да се потрошат на комунални активности без реален еколошки ефект). Во фазите на известување и надзор, ограничената внатрешна ревизија и ограничената јавна достапност на извештаите ја намалуваат можноста за откривање на неправилности.
- Недостаток на капацитети, координација и стратегии
Прашалникот спроведен со 42 општини покажува дека: само 5% од општините имаат посебна стратегија за климатски промени; повеќе од половината немаат спроведено внатрешна ревизија на климатски или еколошки проекти во изминатите три години; 21,4% не објавуваат извештаите за реализација на програмите, а дополнителни 28,6% ги обезбедуваат само на барање.
Од друга страна 64,3% од општините наведуваат дека клучна пречка за реализација на проекти од оваа област се недостатокот на човечки капацитети, како и исто толку наведуваат недостаток на средства за ко-финансирање. Општините се високо зависно од финансии од трансфери и донации и недостига предвидлив и наменски креиран механизам за климатски инвестиции.
- Проценката PEFA Climate покажува ниски оценки и почетна фаза за подготвеност за климатско финансирање
Проценката спроведена преку адаптација на рамката PEFA Climate – меѓународен стандард за оценка на климатски одговорно управување со јавни финансии – укажува на тоа дека Северна Македонија е во почетна фаза на климатското финансирање. Најголемиот дел од индикаторите се со слаби оценки што го потврдува отсуството на процесот или негова почетна фаза без формализирана структура. Само таму каде постои законска обврска (како усвојување на ЛЕАП планови), оценките се повисоки, но сепак процесот е оценет како формален, отколку суштински.
Важноста на темата за граѓаните и општеството
Кога климатски средства се пренаменуваат или трошат без надзор, локалните заедници остануваат без заштита од поплави, без систем за чиста вода, без зелени површини и без информации. Во услови на недостаток на транспарентност, недостасува и можноста за граѓански надзор, што резултира во недоверба во институциите.
Промени за воведување на климатското буџетирање, не претставува само прашање на еколошка политика, тоа е прашање и на правна држава, антикорупција и квалитет на локалната демократија.
Заклучок
Студијата на ЦЕА предлага препораки: воведување климатско буџетско означување, изработка на општински правилници за климатски финансии, задолжителни зелени јавни набавки, јакнење на советите и ревизорските тела, проактивна транспарентност и партиципативно буџетирање со вклучување на граѓаните.
Прочитајте ја целосната студија: Основна оценка: Климатски финансии во Северна Македонија: Анализа на процесите на управувањето со јавните финансии во контекст на буџетскиот циклус
Бриф за политики: Зајакнување на интегритетот кај локалните климатски финансии: Унапредување на транспарентноста и отчетноста на буџетски циклус кај општините
Овој документ е изработен со финансиска помош од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на корисникот и под никакви околности не може да се смета дека го одразува ставот на Европската Унија.














