Отчетност на општините

Во 2020 година само 38% од општините дале отчет кон граѓаните за преземените и спроведени активности на општините во 2019 година. Ова укажува на ниска свест на општините за нивната отчетност за сработеното во минатиот период.

Општините издале отчет со спроведени проекти и финансиски информации за истите кон граѓаните, најчесто преку издавање на Документ – Отчет во цврста и/или електронска копија. Помалите општини водат пракса на давање отчет преку собирање на граѓаните и презентирање на проектите или информирање преку локалните медиуми што е исто така добар канал за комуницирање со јавноста.

Како добри примери за давање отчет кон граѓаните, се општините од Вардарски регион (67% од општините), Источен (64% од општините) и Пелагониски (56% од општините).

Вклучување на граѓаните во креирање локални политики

Отвореноста на општините за вклучување на граѓаните во креирање локални политики е тесно поврзана со транспарентноста, која додава дополнителна вредност и перцепција дека општините го слушаат гласот на граѓаните.
Во фискалната 2019-2020 година само 35% од општините спровеле форум на кој биле вклучени граѓаните. Општините најчесто спроведуваат форуми за дефинирање на приоритети во буџетите за следната година, односно спроведуваат буџетски форуми за граѓаните.

Од друга страна, мал е бројот на општините кои имаат пракса покрај буџетските форуми да спроведуваат и форуми за локален економски развој (ЛЕР) на кои граѓаните имаат можност да ги искажат идеите и ставовите поврзани со економијата на локално ниво. Најголем број од општините кои спроведуваат форуми за вклучување на граѓаните се од Североисточниот (50%) и Пелагонискиот регион (44%).

Како добри примери за вклучување на граѓаните во форуми за локален економски развој се општините Битола, Илинден и Ново Село.