Постоење на реален и добар план за спроведување на процесите на проценка на влијание на регулативата и организирањето на суштински консултации со засегнатите стани се дел од клучните елементи за создавање на добри закони кои се засноваат на податоци, истражувања и проценка на најдобрите опции. При анализата на овие два сегменти од ПВР (планирањето и консултациите) во периодот од 2014 до 2018 иако се согледува извесно подобрување во поновиот период, тие сѐ уште претставуваат слаба страна во законодавниот процес во Владата и министерствата.

Во овој период само неколку министерства изработуваат годишни планови за како и во кои периоди ќе ги спроведуваат ПВР процесите. Меѓутоа и покрај тоа што изработуваат планови, овие институции најчесто не се придржуваат до нив. Консултациите пак како еден од клучните сегменти на ПВР кои треба да обезбедат дополнителен квалитет и прифатливост на законите најчесто се изведуваат само формално без суштински на јавноста да и биде овозможено да придонесе кон содржината на легислативата. Со тоа се пропушта можноста нацрт-законите да бидат ревидирани и евентуално дополнети со квалитетни забелешки од сите засегнати страни и потоа легислативата да биде подобро прифатена од страна на граѓаните, а со тоа и нивната примена да биде поефикасна.

Ова се дел од наодите во двата кратки документи за јавни политики презентирани на 06.11.2018 и се изработени во рамки на проектот  „ПВР во сенка“ кој го спроведуваат Институт за демократија „Социетас цивилис“ и Центар за економски анализи, а е поддржан од Европската Унија.

Документите се достапни на следните линкови на македонски и албански јазик:
Предизвиците во годишното планирање на ПВР
Sfidat në planifikimin vjetor të Vlerësimit të Ndikimit të Rregullativës (VNR)
Поставеност и предизвици на консултативниот процес при ПВР
Vendosja dhe sfidat e procesit konsultativ gjatë PVR

Проектот „ПВР во сенка“, ќе придонесе за унапредување на доброто владеење преку вмрежување и градење на капацитети на граѓанските организации за следење и анализа на спроведувањето на ПВР. Целта на проектот е да се зголеми можноста за активно вклучување на граѓанските организации во ПВР процесот и во реформите на јавните политики преку вмрежување, инклузивни консултации и обуки. Доброто спроведување на ПВР ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси.