Документ за јавни политики: Преглед на рамномерен регионален развој и фискална децентрализација: Регионални диспаритети и фискална децентрализација

 

Фискалната децентрализација и рамномерниот регионален развој се тесно поврзани инструменти и има потреба кога се носат политики за еден од овие инструменти на економски напредок да се земат во предвид предизвиците и за другиот инструмент. Оваа анализа има за цел да го пополни јазот во истражувања кои ги засегаат и регионалниот развој и децентрализацијата заедно бидејќи тие не дејствуваат одвоено и имаат меѓусебно влијание. Ова е важно за оние кои носат политики да знаат дека во втората генерација на законски решенија и носење на политики за фискалната децентрализација тие политики и законски решенија не можат да ги подвојат овие два инструменти како засебни за постигнување на национални цели.

За РСМ, покрај релативно високата нерамномерност во регионалниот развој, уште повеќе загрижува тоа што таа нерамномерност, мерено преку коефициентот на варијација на БДП по глава на жител за регионите, се зголемува во периодот од 2011 година до 2021 година. Загрижува фактот што иако РСМ има воспоставена стратешка и нормативна рамка и институционална поставеност тоа сепак не обезбедува напредок во однос на спроведувањето на политиките и не придонесува кон ефективно намалување на диспаритетите во и помеѓу планските региони и нивна соодветна демографска, економска, социјална и просторна кохезија.

Емпириските наоди за РСМ се дека планските региони не конвергираат помеѓусебе кон една стабилна долгорочна стабилна состојба (steady state). Објаснувачки ендогени фактори за (недостаток на) конвергенцијата на регионите во РСМ можат да бидат: густината на населението на ЕЛС во рамките на регионите, уделот на урбани ЕЛС во вкупниот број на ЕЛС и активноста на пазарот на работна сила на ЕЛС во рамките на регионите.

Наодите покажуваат на пример дека повисока густина на ЕЛС во регионите влијае на зголемување на нееднаквоста на регионите во просек од 2%-7%. Од нашата анализа заклучуваме дека погусто населени региони и оние каде работната сила има поголема активност на пазарот на работна сила имаат поспора конвергенција. Од друга страна, поголема урбанизација го придвижува економскиот раст на регионите.

Понатаму, наодите за ендогените варијабли се дека понеразвиените-секундарни региони се оставени зад развојот на поразвиените-примарни региони поради ефектот на миграции кон урбани центри и емиграцијата. Магнетната привлечност на поразвиените-примарни -региони (особени на Скопскиот плански регион) ги влошува разликите во споредба со секундарните-помалку-развиени-региони. Влијанијата од агломерацијата ги привлекуваат луѓето кон примарните центри на раст на продуктивноста и повисоки заработки оставајќи ги понеразвиените секундарни региони без фактори на производство и без потенцијал. Во таа смисла треба да се даде можност за зголемување на потенцијалите на секундарните региони за да може да се зголеми нивната атрактивност и конкурентност.

Наодите од емпириската анализа покажуваат дека:

  • Во РСМ, намалувањето на бројот на жители за 1% кај регионите води во просек до 2% зголемена нееднаквост кај планските региони (мерена како пондериран коенфициентот на варијација или како ЏИНИ коефициент).
  • 1% зголемени приходи кај ЕЛС се корелирани со 7% до 7.6% намалување на нееднаквоста на регионите но ако водиме сметка и за бројот на население во регионите тогаш влијанието, по глава на жител, може да биде и до 12.6% во намалување на нееднаквоста на БДП по глава на жител за планските региони. Значи демографските движења имаат високи ефекти во рамномерноста на развојот кај регионите.
  • Прибирање на сопствени приходи кај ЕЛС е добар индикатор за тоа до каде може да се очекуваат приходи од даночната база за локалната власт но имплицитно е и индикатор за нивото на ограничениот економски потенцијал на посиромашните региони каде има релативно повисок даночен напор кај ЕЛС. Во тој случај централната власт треба да работи на зголемување на економскиот потенцијал на понеразвиените региони за тие да може да конвергираат кон долгорочната стабилна состојба на поразвиените региони.
  • Ако доброто управување го мериме преку буџетската реализација кај ЕЛС (реализирани приходи споредено со планирани приходи) ефектот е таков да повисока буџетска реализација кај ЕЛС е корелирана со зголемување на степенот на нееднаквост кај регионите. Овој наод мора да се гледа барем од три аспекта.
    • Прво, буџетската реализација овде е на вкупните приходи на ЕЛС кои во просек во РСМ се со ниска фискална автономија па влијанието на трансферите е такво да тие можеби влијаат кон зголемување на нееднаквоста на регионите (впрочем, блок дотациите од фискалната децентрализација се дизајнирани на тој начин за да финансираат постоечки капацитети повеќе отколку за развој на услугата).
    • Второ, оние примарни региони каде ЕЛС имаат доволно економска моќ ги оставаат зад себе оние секундарни региони каде ЕЛС имаат помалку атрактивна економска привлечност.
    • Трето, во контекст на наодите од погоре, буџетската реализација е со ограничена моќ за да биде корелирана со повисока развиеност бидејќи ефектот од економската атрактивност на помалку развиените региони е со повисок негативен ефект од можноста за позитивен ефект дури и при полна буџетска реализација на ЕЛС бидејќи секундарните региони имаат понизок економски потенцијал. Затоа, фокусот на политиките треба да биде повеќе кон економски развој на регионите отколку кон економски раст на регионите.

Повеќе детали за наодите и во препораките прочитајте во целиот документ:

МК: Преглед на рамномерен регионален развој и фискална децентрализација: Регионални диспаритети и фискална децентрализација

ENG: Overview of Balanced Regional Development and Fiscal Decentralization: Regional Disparities and Fiscal Decentralization