Во својата соработка, ГИС и ДИЖС ќе се раководат според потребата од постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото на владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и на недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри. Оттука, соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето.
Инспекторатот за животна средина преку поддршката од Граѓанскиот инспекциски совет ќе има можност да ги користи капацитетите на невладините организации и високообразовните институции кои се членки на ГИС и да споделуваат информации и експертиза во насока на решавање тековни проблеми во надзорот во животната средина. Соработката предвидува ГИС и ДИЖС заеднички да прават анализи и да даваат предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнуваат дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина. Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции кои не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните.
Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележува Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинешниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија.
Организации основачи на Граѓанскиот инспекциски совет:
- Зелен институт
- Институт за комуникациски студии
- О2 Иницијатива
- Еко свест
- Македонско здружение на млади правници
- Флорозон – Центар за еколошка демократија
- ЕЗ Здрава котлина – Струмица
- Еко долина
- ЗЗУЖС Еко живот – Кавадарци
- Институт за биологија при Природно-математички факултет
- Македонски центар за меѓународна соработка
- Движење на екологистите на Македонија
- ЕД Вила Зора
- Институт за европска политикa
- Центар за економски анализи
- Центар за правни истражувања и анализи
- Здружение на граѓани Еко логик
- Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – С. Македонија
- Арт Поинт Гумно
- Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
- Наша добра земја
- НВО Green.оrg
- Новинари за човекови права
- Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub
- Центар за управување со знаење
- Национален Ромски Центар