Клучните принципи на доброто владеење: транспарентноста и отчетноста на трошењето на јавните средства, се појдовна основа за јавноста да се запознае на кој начин се собираат, алоцираат/распределуваат и трошат тие средства. Транспарентноста и отчетноста односно капацитетот на институциите навремено и реално да ги информираат граѓаните за трошењата во рамките на самите институции, влева доверба кај граѓаните дека институциите ефикасно менаџираат со нивните средства.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) врши ревизија на економичноста, ефикасноста и регуларноста на трошењето на јавните пари од страна на институциите и претставува врховна ревизорска институција чија најважна цел е да придонесе јавните средства да се користат на најдобар можен начин.
Овој извештај, е само продолжување на следењето кое Центарот за економски анализи (ЦЕА) го спроведе во соработка со Westminster Foundation for Democracy (WFD), преку проектот “Зајакнување на фискалната отчетност и транспарентност во Македонија” во насока на подобрување и зајакнување на врската помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Македонија, како две меѓусебно независни институции, а со цел зголемување на свесноста на граѓаните за да се запознаат со тоа како јавните институции ги користат нивните пари. Следењето на работата на ДЗР во рамките на Проектот се однесуваше на периодот 01/10/2016 – 31/03/2018, и повеќе може да се види на веб страницата на ЦЕА.
По промената на власта, и со изборот на новиот Главен државен ревизор, сакавме да направиме увид дали има промена во транспарентноста на врховната институција, попрецизно во опфатот на информациите кои се пласираат до јавноста.
Така, преку поедноставена и прилагодена методологија направивме преглед на работата на ДЗР во додека во периодот 01/01/2020-30/04/2020, и заклучоците се истакнати во овој Извештај .
Целосниот извештај можете да го погледнете тука.