Центарот за економски анализи ја изразува својата поддршка за 200-те работници/чки кои беа вработени во фабриката за текстил Веибо Груп.
Центарот за економски анализи ја изразува својата поддршка за 200-те работници/чки кои беа вработени во фабриката за текстил Веибо Груп, кои за жал останаа на улица. Имено, според сознанијата на здружението Гласен текстилец од Штип, во оваа компанија се прекршувале основни човекови и работнички права уште пред година и пол како отпуштања на бремени жени, мобинг, неплатена прекувремена работа, договори од еден месец кои јасно им даваа до знаење на работниците дека тоа е дисциплински ефект за никој да не се побуни дека им се прекршувани нивните основни човекови и работнички права. Во декември 2017та, ситуацијата кулминираше кога менаџментот го исклучи електричното напојување на фирмата и на околу 100тина работници не им беа продолжени договорите за работа. Работниците се повикаа на правото на штрајк и си ги бараа платите кои постојано доцнеа и се движеа до 10.000 денари со што компанијата го кршела и законот за минимална плата. Од средината на јануари биле пуштени на колективен одмор и било најавено дека останатите работници ќе продолжат со работа од 1ви февруари. Меѓутоа, тоа не се случи, напротив на 31.01 работниците добија информација од раководните лица дека фабриката се затвара, а менаџментот нема финансии за да им исплати плати и придонеси за ноември и декември 2017та и јануари 2018та година, иако според работниците фабриката редовно извезувала и добро работела.