Зајакнување на транспарентноста и одговорноста кон подобрување на локалната демократија во Западен Балкан

Ана Марија Петровска, Помлад Економист и истражувач на ЦЕА учествуваше на Втората Регионална конференција за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD) што се одржа во Тирана, Албанија на 8-9 октомври 2019.

Регионалната конференција имаше за цел да ја продолжи размената на практики, искуства и научени лекции за јакнење на транспарентноста и отчетноста во финансирањето на граѓанските организации на локално ниво. На конференцијата присуствуваа повеќе од 120 претставници од локалните власти и граѓанските организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Настанот беше поделен во 3 пленарни сесии:
1. Транспарентно финансирање на граѓанските организации и бенефитот на локалната заедница – перспективи на локалните власти
2. Транспарентно финансирање на граѓанските организации и бенефитот на локалната заедница – перспективи на граѓанските организации
3. Како да го подобриме граѓанското учество, активизам и вклучувањето на младите во локална заедница – Дали можеме да го подобриме?

Во делот на транспарентното финансирање на граѓанските организации и бенефитот на локалната заедница – перспективи на локалните власти, Ана Марија Петровска поттикна дискусија за споделување на искуства на земјите за формите на поддршка за финансирање на граѓанскиот сектор од страна на државните институции, висината и критерумите на истата, каде некои земји имаат посебни фондови кои овозможуваат поддршка преку кофинансирање на граѓанските организации како што се Црна Гора (обезбедува до 20% кофинансирање на граѓанските организации) и Северна Македонија (обезбедува до 15% кофинансирање на граѓанските организации).