Центар за економски анализи (ЦЕА) ја објавува втората студија за даночен морал преку профил на даночните обврзници низ социо-економски и демографски профили:

Даночниот морал во Република Северна Македонија: Профил на даночните обврзници

Дали полот, возраста, образованието, куповната моќ, регионот, етничката припадност, влијаат врз даночното однесување на индивидуалните даночни обврзници во Северна Македонија? Дали постојат разлики и карактеристики во перцепциите и однесувањето кои би помогнале во комуникацијата и пристапите за подобрување на доброволното помирување на даночните обврски преку нестандардни пристапи, за унапредување на даночниот морал кај обврзниците.

Во оваа студија ги опишуваме разликите кои може да бидат корисни за носење на политики за идентификување на групи за кои е потребно дополнително внимание за да се постигне зголемено доброволно почитување на обврските за даноци.

  • Даночниот морал подразбира доброволно почитување на даночните закони и создавање социјална норма на одговорност кон исполнување на даночните обврски од страна на даночниот обврзник

 

  • Во најголем дел граѓаните во РСМ себеси се сметаат за даночно одговорни и мамењето кај даноците го сметаат во најголема мера за неприфатливо однесување.

 

  • Во најголем дел граѓаните – даночни обврзници немале директен контакт со плаќање на личен данок на доход или данок на имот. Познавањето за даноците е на ниско ниво.

 

  • Забележлива е поголема даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски и повисок степен на даночен морал кај лицата од женски пол споредено со лицата од машки пол. Ова може да произлегува од: постоечкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд и родовата нееднаквост; жените покрај тоа што се помалку застапени и се помалку активни на пазарот на труд, со тоа се подложни на поголем ризик од губењето на работното место; кај лицата од женски пол за нијанса повисоката перцепција дека даночниот систем во државата е фер може да придонесува кон поголемиот степен на даночен морал

 

  • Повисокото ниво на даночен морал е забележан кај повозрасната структура на даночни обврзници и тоа посебно над 55 и над 65 години, мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување на даноци. Ова може да се должи на тоа што лицата над 65 години преземаат помали ризици поради поголемиот општествен влог, поподложни се на општествена норма дека е неприфатливо мамењето на даноци, па оттука и поголемата даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски.

 

  • Најголем дел од младите на возраст од 18 до 24 години (~70%) би преферирале да плаќаат повисоки даноци но, да живеат и тоа да го прават во друга држава, додека повозрасните лица преферираат да плаќаат пониски даноци и да живеат во РС Македонија. Граѓаните до 40тина години повеќе преферираат да ја напуштат државата и да плаќаат повисоки даноци на друго место, наспроти граѓаните над 40 години кои преферираат пониски даноци и да останат да живеат во државата

 

  • Повисокото ниво на даночен морал е забележан кај даночни обврзници со низок степен на образование. Пообразованите даночни обврзници кои сметаат дека даночниот систем во државата е фер, сметаат дека нивото на корупција на централната власт е иста во споредба со минатото. Највисоко образована структура (образование над факултетското образование) има највисока перцепција дека даночниот систем е не-фер

 

  • Помалку образованите лица сметаат дека доколку се плаќаат повисоки даноци малку е веројатно дека ќе се добијат и поквалитетни услуги, но сепак сакаат да плаќаат пониски даноци и да останат да живеат во Северна Македонија. Ова укажува дека помалку образованите лица се задоволуваат со уловите во државата но не дека не сакаат подобри услови за живеење туку бидејќи не веруваат целосно дека повисоките даноци значително би ја подобриле ситуацијата.

 

  • Повисокото ниво на даночен морал е забележан кај даночните обврзници со повисоки приходи, над 50 илјади денари, мерен низ степенот на (не)прифатливост на однесување на избегнување/мамење на даноците. Најголем дел на даночните обврзници чии приходи се над 40 илјади денари би плаќале повисоки даноци но да живеат во странство. Тие се информирани за даночниот систем во државата и плаќаат повеќе данок за разлика од лицата со пониски примања, но од друга страна тие не веруваат дека правото владее и се на мислење дека нема квалитетни јавни услуги.

 

Оваа публикација е изготвена со помош на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствено одговорност на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Оваа публикација е изготвена во склоп на Проект за даночна одговорност – кон граѓанска одговорност и одговорни даноци

 

Бриф: Кои се детерминантите за даночен морал: социо-економски фактори