Привлекување на странските инвестиции во регионот на Западен Балкан и државната помош: трка до дното или неопходност?
Земјите во регионот на Западен Балкан иако во моментот се во различни фази од процесот на европска интеграција се обврзани да ги почитуваат правилата за доделување и контрола на државната помош кои важат и за ЕУ.
Земјите од регионот изминатата деценија и повеќе, во потрага по странски капитал, доделуваа(т) државна помош за да ги привлечат и странските инвестиции. Меѓутоа, регионалната конкуренција за привлекување на странските инвестиции преку долгата „листа“ на стимулативни мерки може да има и негативните ефекти врз јавните финансии. Натпреварувајќи се со соседните земји во градење имиџ на најповолна дестинација за странски инвестиции, земјите лесно може да западнат во замката на „трка до дното“.
Анализата покажува дека земјите во регионот на Западен Балкан кои имаат повисоки износи на доделена државна помош воедно имаат и повисоки приливи на странски директни инвестиции. Меѓутоа, земјите во регионот кои имаат повисок економски раст исто така имаат повеќе странски директни инвестиции од земјите со понизок економски раст. Спротивно на очекувањата, земјите кои имаат повисока стапка на данок на добивка имаат поголем прилив на странски директни инвестиции, додека земјите со пониски стапки на данок на добивка имаат пониски приливи на странски директни инвестиции.
Примарниот одлучувачки фактор за инвеститорите не е висината на државната помош туку многу повеќе амбиентот за деловно работење. И поради „неможноста“ да конкурираат со владеење на право, контрола на корупција, довербата во институции… овие земји се обидуваат да се надминат меѓусебно со стимулативни мерки за привлекување на СДИ.
Она што претставува проблем е исто така и отсуството на ефективен национален надзор и регионална соработка во областа на контролата на државна помош но и опасноста за земјите кои обидувајќи се да привлечат странски директни инвестиции, без заедничка регионална стратегија и цели, меѓусебно лесно можат да западнат во замката на „трка до дното“.
Дополнително, поради нетранспарентени процедури и неефективен надзор се отвора можност да се одобри и додели државна помош која е неефикасна притоа да се трошат јавни средства за инвеститорите кои и без стимулативните мерки би инвестирале во земјата.
ЦЕА СТУДИЈА на овој линк: Привлекување на странските инвестиции во регионот на Западен Балкан и државната помош: трка до дното или неопходност?
ЦЕА БРИФ на овој линк: Дали државната помош е фактор за привлекување на странски директни инвестиции? СДИ во регионот на Западен Балкан
ЦЕА БРИФ на овој линк: Политиките за привлекување странски инвестиции во регионот: трка до дното наспроти регионална соработка