Ние, учесниците во иницијативата за итни демократски реформи ги повикуваме партиите кои учествуваат на парламентарните избори да ги вратат демократските стандарди и вредности во Република Македонија.
Бараме политичките партии безусловно да се посветат на следните приоритети:
ЈАВНИ ФИНАНСИИ И ЕКОНОМИЈА
Поради нарушена фискална дисциплина, бараме враќање на фискалната транспарентност и отчетност заради поефикасно, поекономичнo и поефективно користење на јавните ресурси.
ПРАВОСУДСТВО
Со цел да се обезбеди независното функционирање на судството и да се врати довербата на граѓаните, бараме да се обезбедат сите законски и институционални услови за непреченост во работата на Специјалното Јавно обвинителство и продолжување на неговиот мандат. Во таа насока, бараме да се формира специјално судско одделение но и посебно одделение во рамките на УБК што би постапувало по барањата на СЈО.
БОРБА ПОРТИВ КОРУПЦИЈА
Поради констатираното политичко/партиско влијание во работата на надлежните институции за борба против корупција неопходно е пратениците да побараат оставки од членовите на ДКСК, ЈО на РМ, Судскиот совет и Советот на ЈО, како морална одговорност за масовната корупција во нивните сектори. Добербата мора да се врати, но и да се обезбеди транспарентност при изборот на членовите во овие тела.
МЕДИУМИ
Поради постојани политички и економски притисоци, медиумите и новинарството веќе не му служат на јавниот интерес и на граѓаните. Бараме власта да престане да ги користи медиумите како алатка за политичко промовирање и да прекинат сите закани и притисоци врз новинари. Од сите политички партии бараме да се заложат за системски реформи во медиумската област.
ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Да се оневозможи политичко мешање во вработувањето и напредувањето на вработените во јавната администрација, за да се спречи политичкиот клиентелизам и да се одвои државата од партијата.
ОБРАЗОВАНИЕ
Процесите на креирање и спроведување на идните образовни реформи мора да бидат транспарентни и инклузивни. Новите законски измени треба да се ослободат од казнените одредби и да се фокусираат на подобрување на квалитетот, на реформа на инцијалното образование и дообуката на наставниците, на запирање на натамошната експанзија на високото образование како и на демократизација и унапредување на моделите на средношколското и студентското организирање.
Поддржано од:
Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје
Институт за европска политика
Институт за комуникациски студии
Македонски центар за европско образование
Фондација отворено општество – Македонија
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Центар за економски анализи
На следниот линк достапен е целиот Предлог за итни демократски реформи