Како чинители во граѓанското општество и засегнати страни во процесите на креирање политиките ние, дел од организациите членки на Мрежата за подобра легислатива “Мрежа РИА” и организациите подгрантисти на проектот “Проценка на влијанието на регулативата во сенка: промовирање на креирање политики базирани на докази”, и соопштуваме на пошироката јавност дека во случајот од аспект на проценка на влијаенито на регулативата (ПВР) процесот на носење на Законот за употребата на јазиците во Република Македонија не е базиран на докази, не е инклузивен и не ги надминува политичките мотиви (едно од најчестите генерални ограничувања на ПВР), со што Законот го лишува од општа јавна и политичка поддршка.
Една од целите на ПВР како инструмент е да го доближи македонското законодавство до тоа на Европската Унија, следствено да го подобри интергративниот пат на Македонија. Игнорирањето на овој инструмент при креирањето на една политика за која предлагачот тврди дека е дел од процесот на европската интеграција и затоа и’ става европско знаменце, е контроверзно и спротивно на првичната намерата на предлог-регулативата. Конечно, ПВР како инструмент бара значајна промена во културата на однесувањето помеѓу регулаторите, партиите, засегнатите страни/групите од интерес и општата јавност, а начинот на кој беше донесен Законот за употреба на јазиците ја оддалечува Владата на Република Македонија од нејзината суштинската реформска платформа.
Ја повикуваме Владата и Парламентот, во следните фази да ги исполни овде наведените слабости и незаконити аспекти од донесувањето на Законот за употреба на јазиците.
Нашата реакција се однесува на три главни точки од (не)спроведувањето на ПВР во случајот со Законот за употреба на јазиците, кои сметаме дека претставуваат суштинско нарушување на предусловите за доброто владеење во државата:
-неиспочитуваните чекори во спроведувањето на процесот на ПВР;
-неисполнувањето на обврската за поднесување на предвидените извештаи до Единствениот национален регистер за прописи (ЕНЕР) и
-исклучувањето на засегнатите страни од јавната дебата во процесот на стратешкото планирање и во процесот на разгледувањето на предлог регулативата на Комисиите, поради усвојувањето на скратената постапка за негово донесување.
Во однос на неиспочитуваните чекори во спроведувањето на процесот на ПВР заклучуваме дека и покрај тоа што Владата на Р.Македонија во својата програма 2017-2020 во делот на “Градиме заедничко општество”, истакнува дека ќе се поддржи предлог на законско решение за употреба на јазици со кој ќе се прошири употребата на службениот јазик кој го зборуваат повеќе од 20% граѓани, во делот на стратегии на веб страната на Министерството за правда за 2017-2019 (предлагачот на предлог регулативата), не стои стратешко планирање на законско решение за употреба на јазици, ниту е спроведено објавување на регулативата од Министерството за правда 2017 во ЕНЕР, процес без кој не може да започне процесот на ПВР.
Дополнително, во Планот 3-6-9 во делот на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор стои дека ќе следи усвојување на Предлог Закон за употреба на јазиците од страна на Владата, кој потоа ќе биде доставен до Венецијанската комисија за мислење. Законот за употреба на јазиците е усвоен на седница на Владата на 5ти август 2017та година и е испратен за усвојување во Парламентот, но не е составен дел од програмата на Владата во периодот од јуни –декември 2017 во која се опфатени иницијативи со високи приоритет и во која истите се образложени. Пред изгласувањето на законот не е добиено мислењето на Венецијанската Комисија, што поттикна дебата во јавноса за тоа дали воопшто предлог регулативата беше испратена до Комисијата како што првично беше планирано. Оттука, прераспределбата на овој законски предлог во Комисијата за европски прашања, наместо во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, следствено и ставањето на европско знаменце на законот (што значи дека ќе се усвојува по скратена постапка) е несоодветна.
Овој начин на донесување на регулатива го исклучува најважниот механизам за предлог на ефикасна регулатива бидејќи ги исклучува засегнатите страни од процесот на консултации, суштински дел од сегментот на спроведувањето на ПВР. Така, засегнатите страни не се известени за почетокот на ПВР, со тоа и не се консултирани, не е направено утврдување на можни решенија и анализа на влијание на секоја опција и дефинирање на оптимално решение. Дополнително, не е подготвен нацрт закон за планирање, следење и евалуација и не е подготвен нацрт извештај за ПВР. Законскиот предлог не е објавен на ЕНЕР за консултација со засегнатите страни, не е подготвен предлог извештај за ПВР и не е потпишан од страна на ресорниот министер. Исто така, не е доставен нацрт-извештај за ПВР до Министерството за Информатичко Општество и Администрација (МИОА) и не е побарано мислење од страна на министерството кое е задолжено за спроведувањето на ПВР во Макеодонија, а во делот на одлучување не е доставен предлог законот и предлог извештајот на ПВР до Генералниот секретаријат на Владата. Предлог законот е утврден од Владата на Р.Македонија, но не е објавен на ЕНЕР заедно со извештајот на ПВР.
Додатен недостаток во процедурата на јавна дебата е избегнувањето на расправата по однос на 90 предлог амандмани поради истек на рокот. Имено, на 11ти Декември 2017та година (со продолженија на 13 и 14 декември), на Комисијата за Европски прашања во второто читање го разгледува Предлог Законот за употреба на јазиците и води претрес по амандманот за менување на насловот на законскиот предлог даден од страна на тројца пратеници. Согласно извештајот подготвен од оваа седница Комисијата не успева да се произнесе по овој амандман. Дополнителните 89 амандмани кои се поднесени од страна на пратеници не се отворени за претрес на оваа седница бидејќи согласно член 171в од Деловникот на Собранието на Р.М. е истечен рокот од најмалку три работни дена за водење на претрес по амандманите. Овој член предвидува дека усогласувањето на законско решение со ЕУ трае најмногу три дена, уште една од последиците на ставањето европско знаменце на регулативата. На 14ти декември 2017та година на седница на Законодавно правната комисија се разгледува Предлог Законот за употреба на јазици, на која од истата причина повторно не се води претрес на 90 амандмани, и предлог законот се спроведува во понатамошна постапка до конечното изгласување на истиот на 11ти јануари 2018та година, со 69 гласа “ЗА” од вкупно 69 присутни пратеници на седницата, а во отсуство на опозицијата.
Оценката на финансиските импликации врз буџетот и другите јавни финансиски средства (106 милиони денари), вклучувајчи ја и сумата која во 2018та ќе биде распределена на различните буџетски корисници за имплементација на одредбите од предлог законот (90 милиони денари) се прави провизорно, без значајна анализа која треба да биде основа и суштина на процесот.
Со почит,
Мрежа за подобра легислатива “РИА”