Целта на овој документ е да се даде независна оценка за напредокот од исполнувањето на мерките кои се идентификувани од граѓанскиот сектор на Република Македонија, а објавени во документот „Предлог на граѓански организации за итни демократски реформи“ за периодот од 9-те месеци на Владата на Република Македонија.
Документот „Предлог на граѓански организации за итни демократски реформи“ (јули 2017) е надградена верзија на „Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи“ за следните 6, 9 и 12 месеци, кој беше верификуван и од Европската унија, а е резултат од работата на 73 граѓански организации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули 2017 година, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.
- Промената на власта сама по себе е чекор напред поради тоа што со одржувањето на кредибилни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но не е и гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава.
- Вклучувањето на граѓанскиот сектор во изработката на 369 планот е ненавремено и повеќе е формалност отколку вистинска инклузивност.
- Планот 18 е изготвен самостојно од владата без консултирање и вклучување на граѓанските организации, а потоа истиот е презентиран и пред високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија Федерика Могерини.
- Наспроти мислењето на претставникот на Владата, Планот 369 не е политички документ чие исполнување треба да го мериме само со исполнувањето на политички цели. Примарната цел на итните реформски приоритети и Планот 369 се поквалитетен живот за граѓаните, ослободување на „заробената држава“, исполнувањето на препораките и реформите на Прибе како и исполнување на посочените реформи од Берлинскиот процес.
- Новата алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавните функции изготвена од страна на Владата како софтверската алатка не функционира и нема никакви податоци после 2017 година, со што индикативно е дека фискалната транспарентност е под ризик и дека е сфатена палијативно и кампањски, а не како трајна определба за ефикасна алатка кон поголема отчетност од именуваните и избраните функционери.
- Назначените лица за односи со јавност и посредување на информации од јавен карактер во Министерството за финансии 3 дена во континуитет во месец јуни 2018 година не се достапни на телефонските броеви ниту нивните линии се пренасочени кај други вработени што укажува на несериозност во своето работење.