Покрај релативно високата нерамномерност во регионалниот развој на Република Македонија уште повеќе загрижува што таа нерамномерност се зголемува со текот на последните години, мерено преку коефициентот на варијација на БДП. Слабостите на политиките, покрај непочитувањето на Законот за рамномерен регионален развој во смисла на буџетско планирање од 1% од БДП за рамномерен регионален развој, е и немањето на капацитети за реализација на финансиските средства, како од страна на Бирото за регионален развој, така и од страна на Центрите за регионален развој.
Во оваа анализа опфативме и еден важен сегмент од функционалната парламентарна демократија, а тоа е и соработката на граѓанскиот сектор со регионите, како и регионалните карактеристики на граѓанскиот сектор. Детектирани се релативно поголеми регионални разлики помеѓу граѓанските организации по планските региони во РМ, особено во делот на вмрежувањето, меѓусебна соработка, финансиска одржливост и соработка со центрите за регионален развој. Загрижува и внатрешната и надворешната нето миграција во планските региони, особено на младите. Исто така детектиравме дека соработката на граѓанските организации со Центрите за развој на планските региони е на многу ниско ниво. Граѓанските организации сметаат дека соработката и спроведувањето на заеднички проекти со центрите би придонела за развој на регионот и според исказите на претставниците на ГО, многу е мал бројот на организации кои се запознаени со работата на Центрите за развoj на планските региони.
Во оваа анализа направивме и емпириско економетриско истражување кое треба да биде поттик за идни подетални истражувања за тоа кои се детерминантите на рамномерниот регионален развој. Еден од поважните емпириски наоди од економетрискиот панел модел е дека бројот на урбани/рурални ЕЛС по региони имаат статистичка значајност при 1% статистичка значајност за БДП во регионите во РМ и затоа атрибутот урбана/рурална ЕЛС треба да биде важна варијабла при носење политики за конвергенцијата на БДП по региони во РМ. Особено е значајно тоа што моделот емпириски покажува дека поголем број на урбани ЕЛС водат до повисоки БДП во регионите, а поголем број на рурални ЕЛС водат до пониски БДП во регионите. Овој наод е во иста линија и со наодот дека значаен фактор кој влијае врз степенот на развој на ГО и нивното вклучување во креирање на политики е средината во која се регистрирани, во смисла урбана/рурална со што атрибутот урбана/рурална ЕЛС станува еден од главните фактори за анализа на детерминанти на влијание на граѓанските организации во креирање на политики за рамномерен регионален развој
Истражувањето на ЦЕА е достапно на следниот линк
Целосната публикација е достапна на следниот линк
Оваа публикација е изготвена со помош на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на авторите, Форум ЦСИД и МИДС, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Ky publikim është përgatitur me ndihmën e Bashkimit Europian. Përmbajtja e këtij publikimi është përgjegjësi vetëm e autorit, Forum QHSD dhe IRDB, dhe në asnjë mënyrë nuk i pasqyron qëndrimet e Bashkimit Europian.
This publication has been produced with the assistance of the European Union. The contents of this publication are the sole responsibility of the authors, Forum CSRD and YIDC, and can in no way be taken to reflect the views of the European Union.