Процесот на проценка на влијание на регулативата кој треба да се спроведува за секоја нова или измена на постоечка легислатива предложена од страна на Владата и во 2018 година остана генерално непознат за граѓаните. Од анкетираните граѓани, 86% oдговорија дека не слушнале за ваков процес што е за 9 процентни поени повеќе отколку во 2017, додека 12% одговорија позитивно односно за 2 процентни поени повеќе од 2017.

Ова се дел од наодите од истражувањето на јавното мислење за перцепцијата на јавноста во врска со ПВР презентирани на брифинг со новинари кој се одржа на 27.03.2018 (среда) во Јавна соба.

Истражувањето го спроведоа Институтот за демократија “Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА) преку теренска анкета на репрезентативен национален примерок од 1.018 испитаници во декември 2018 во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“, финансиски поддржан од Делегацијата на Европска Унија.

Споредбено со 2017 година, во 2018 година се забележува поголема запознаеност кај вработените во јавните институции, во кои спаѓаат и министерствата и државните служби, за процесот на проценка на влијание на регулативата.

Наодите од истражувањето укажуваат дека дополнително е засилена перцепцијата дека при изработка на законите не се користат истражувања и анализи и дека консултациите со засегнатите страни се реткост. Засилена е и перцепцијата дека законите не треба да се усвојуваат во скратена постапка како и дека граѓаните и граѓанските организации секогаш треба да имаат можност да ги коментираат предлог-законите.

„Препораките кои произлегуваат од истражувањето се дека државните институции треба да посветат внимание кон поголема информативна кампања и обуки на вработените во администрацијата за процесот, придобивките и последиците од примената на проценката на влијание од регулативата. Владините институции треба на своите страници да ги објавуваат нацрт-предлозите за закони или законски измени и да ја вклучуваат јавноста во подготовка на новата легислатива уште од самиот почеток.
Очигледно дека е потребно поголемо промовирање во јавноста на начините за вклучување на јавноста во донесување на законските решенија, односно електронските платформи ЕНЕР и Е-демократија и достапните начини кои овозможуваат граѓаните да ги коментираат предложените промени на легислативата. Потребно е намалување на користењето на скратената постапка при носењето на законите “ изјави Јане Димески од ИДСЦС.

Доброто спроведување на ПВР ќе придонесе кон повисок квалитет на легислативата, зголемена вклученост на граѓаните, зголемено ниво на законска сигурност, подобро финансиско планирање и зголемена транспарентност на политичките процеси.

Целосната анкета со сите наоди е достапна на следниот линк: Јавноста како учесник во создавањето на законите