Центарот за економски анализи (ЦЕА)  одржа презентацијата за анализата на одржливост на пензискиот систем во Македонија. На презентацијата модератор беше претседателот на ЦЕА Д-р Марјан Николов, а презентираа Проф.Д-р Мирољуб Шукаров и М-р Ивана Велковска – истражувач во ЦЕА. Им благодариме на гостите и медиумите за присуството.

Првиот столб на пензискиот фонд до 2030 година не само што нема да крахира како што предвидува ММФ, туку самиот ќе се одржува и ќе создава вишоци, вели професорот Мирољуб Шукаров, кој денеска во рамки на презентација на анализата за одржливост на пензискиот систем што ја организираше Центарот за економски анализи (ЦЕА) ги соопшти резултатите од истражувањето преку симулации како одделни влијанија и реформи кои би се презеле би влијаеле врз овој фонд.

– Според тоа од денешна перспектива треба да се размислува што со Пензискиот фонд кога тој некаде од 2025 година ќе почне да создава вишоци, а државата нема да има потреба да издвојува пари за полнење на пензискиот буџет. Треба да се размислува дали Фондот ќе се продава или да се формира посебен инвестициски фонд кој ќе ги инвестира парите кои ќе бидат вишок – вели Шукаров.

Ивана Велковска од Центарот за економски анализи, пак, вели дека земјава не се соочува со сериозен проблем на стареење на населението како другите земји во регионот за да се стравува од голем прилив на пензионери. Според тоа и зголемувањето на годишната граница на пензионирање нема да биде вистински одговор на проблемот на одржливост на пензискиот систем.

– Просечниот очекуван животен век за 10 години е зголемен само за 1,6 години што е најнизок очекуван животен век во Европа. Демографските податоци говорат дека во земјава не се очекува посериозен проблем со стареење на населението како во другите земји, бидејќи бројот на населението постаро од 65 години е помало во однос на другите земји – вели Велковска.

Едно од решенијата за намалување на дефицитот во пензискиот фонд, според неа, е зголемувањето на стапката на вработеност, односно се зголеми бројот на осигуреници.

– Ако бројот на вработени се зголеми за 6,2 отсто годишно следните шест години што е два пати повеќе од досегашниот раст на вработените тогаш учеството на пари од буџетот во пензискиот фонд ќе се намалува постепено и во 2022 година повеќе нема да биде потребно издвојување дополнителни средства од буџетот. Ако остане истата стапка на раст на вработените од 3,1 отсто тогаш за шест години, ако нема раст на пензионерите и трошоците на Фондот, тогаш може да се очекува подобрување на одржливоста на Фондот за шест години – вели таа.

Марјан Николов, претседател на ЦЕА,  смета дека дефицитот во ПИОМ кој е актуелен последните години не е толку последица на неповолните демографски движења колку на системски проблеми.

– Процесот на генерирање на работни места е бавен и висината на придонесот е релативно ниска. Бројот на осигуреници последните 10 години расте, но односот на просечната месечна пензија во споредба со просечната плата стагнира што ја зголемува ранливоста на категоријата пензионери – вели Николов.

Според него, ако сака владата да ја подобри стапката на вработеност не треба да користи мерки за субвенционирање долг период бидејќи ефектите на пензискиот фонд се неповолни.

Анализа за одржливоста на пензискиот фонд

ERRATA

  • 24.12.2017, Промена на страна 12, Во 1990, овој број се зголемил за повеќе од 300 пати, или 166,224 во 2000 година, 241,221 во 2010 година и 305,766 во 2017 година

Целосната ажурирана верзија на анализа за оджливоста на пензискиот фонд е достапна на следниот линк

Одржливост на пензискиот фонд

Презентација на Ивана Велковска – ЦЕА

Презентација проф. Мирољуб Шукаров

25530029_10155764129785734_259516298_n 25590421_10155764129695734_2042988444_o