Линк до студијата: Соработката како фактор за развој на граѓанските организации

 Случај: Искуствата и видувањата на граѓанските организации, единиците на локалната самоуправа и јавноста за соработката со граѓанските организации во Вардарскиот регион

 

Перцепцијата на граѓаните за работата на граѓанските организации

  • Генералната перцепција на граѓаните е дека најголем дел од нив знаат што претставува граѓанска организација и имаат негативен став за работата на граѓанските организации, но, од друга страна, голем дел од граѓаните не можат да именуваат ниту една граѓанска организација и немале средба со граѓански организации. Оттука, генералниот заклучок е дека е потребно да се популаризира значењето, работата и улогата на граѓанските организации во Македонија.
  • 53% од испитаните граѓани од Вардарскиот плански регион знаат што претставува граѓанска организација (ГО). Ако, пак, ги разгледуваме ставовите на граѓаните од градските и од приградските подрачја посебно, може да се заклучи дека 52 % од граѓаните кои живеат во градските подрачја знаат што претставува ГО наспроти 60 % од граѓаните од приградските подрачја.
  • 10 % од граѓаните се изјасниле со позитивен став (од тие што имаат потврдено дека знаат што значи граѓанска организација), додека 40 % имаат негативен став.
  • Повеќе од половина од вкупните испитаници (68 од вкупно 89 испитани граѓани) се изјасниле дека не знаат за ниту една ГО,
  • 40% од оние испитаници што се изјасниле дека, генерално, знаат што претставува граѓанска организација не можеле да именуваат ниту една граѓанска организација. За споредба, половина од граѓаните од приградските подрачја кои знаат што е ГО не познаваат некоја конкретна граѓанска организација.
  • Најголем процент од анкетираните граѓани од Вардарскиот плански регион не се контактирани од ГО за информации на одредена тема и не присуствувале на некој настан организиран од ГО;

Перцепција на граѓанските организации за меѓусебната соработка

  • Најголем дел од интервјуираните граѓанските организации остваруваат меѓусебна соработка. Од вкупниот број интервјуирани ГО, 69% се изјаснија дека редовно аплицираат и работат на заеднички проекти, истражувања и учествуваат во процесите на креирање на локални политики заедно со други ГО.
  • 31% од интервјуираните ГО сè уште не оствариле соработка со други ГО од регионот во потесна смисла т.е. не работеле на заеднички проект, но истите учествувале во мрежи, работилници и форуми организирани од страна на други ГО.
  • Согласно перцепцијата на претставниците на граѓанските организации од Вардарскиот регион главната причина за соработка се барањата на донаторите за партнерско аплицирање и имплементирање на проектите.
  • Помалите организации повисоко ја вреднуваат соработката со поголемите  организации затоа што на овој начин ги зајакнуваат своите капацитети, стекнуваат искуство, кредибилитет и полесно ја стекнуваат довербата и кај донаторите и кај целните групи. Поголемите ГО сметаат дека соработката со помали ГО не влијае на нивниот развој како организација.
  • Перцепцијата на интервјуираните претставници на ГО е дека постои изразита политизираност и на општинската администрација и на граѓанските организации и дека и степенот на финансирање и активностите на ГО се подложни на влијанието на политичките партии.
  • Дополнителен предизвик е немањето на доволно развиени човечки капацитети за остварување на квалитетна соработка. Значајно влијание имаат и финансиските ограничувања.

Перцепција на единиците на локалната самоуправа за соработката со граѓанските организации во Пелагонискиот регион 

  • Согласно со податоците од интервјуата направени со ЕЛС од Вардарскиот плански регион, генерално општините ценат дека соработката со ГО има позитивно влијание врз развојот на заедницата и општо врз развојот на регионот.
  • Единиците на локалната самоуправа ценат дека капацитетите и професионалноста на поголем дел од ГО се релативно слаби, што ја отежнува можноста за соработка. Дополнително, ЕЛС од руралните средини сметаат дека граѓанскиот сектор во овој регион е слабо развиен и дека ГО се формираат инцидентно и не се активираат подоцна.
  • Сите ЕЛС од Вардарскиот регион имаат остварено соработка со ГО во изминатите 3 години.Како најчести форми на соработка меѓу ЕЛС и ГО од Вардарскиот плански регион се доделувањето на финансиска поддршка.
  • Три ЕЛС од Вардарски регион имаат остварено соработка преку имплементирање на заеднички проекти со ГО. Оваа форма на соработка меѓу ЕЛС и ГО е слабо застапена во Вардарски регион каде како причина се наведува нискиот капацитет (човечки и финансиски) на ГО.
  • Осум од девет ЕЛС им доделуваат финансиска поддршка на граѓански организации од буџетот на ЕЛС, но само половина од нив објавуваат јавен повик.
  • Седум од девет ЕЛС нудат логистичка поддршка на ГО за организирање манифестации со цел активирање на туризмот. Најголем дел од општините или 7 од 9 нудат логистичката поддршка на ГО преку доделување активности од ЕЛС за организирање културни манифестации, организирање спортски турнири или настани со спортски карактер со цел активирање на туризмот.
  • Единиците на локална самоуправа во Вардарски регион го вклучуваат граѓанскиот сектор во процесот на креирање на локалните политики на различни начини, но постои слаба заинтересираност и мотивација.
  • Соработката со ГО, според ЕЛС, зависи од неколку фактори: Влијанието на јавните службеници преку “сопствени” ГО и лични познанства; Човечкиот и финансискиот капацитет на ГО ; Бројот на активни граѓански организации; Транспарентност и отвореност на ЕЛС; Големината на ГО (финансиска и човечка) и понудени идеи и иницијативи

 

Од сето наведено погоре, генерално, може да се заклучи дека, за разлика од граѓаните, единиците на локалната самуправа се запознаени со улогата и значењето на ГО и соработуваат со граѓанските организации, па и покрај популаризирањето на значењето, работата и улогата на граѓанските организации во Македонија, потребно е да се зголеми соработката на ГО со граѓаните во насока на  претставувањето на граѓаните и нивните потреби,  а не во насока на државните структури и барањата на донаторите.

 

Оваа публикација е овозможена со поддршка на CIVICA MOBILITAS во рамките на проектот „Фискална децентрализација за подобар регионален развој на граѓанското општество“ имплементиран од Центарот за економски анализи.

„Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за економски анализи и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на CIVICA MOBILITAS, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.“

Другите автори се должни да го наведат ова истражување ако е користено или ги информирало за нивните истражувања и публикации.