8 јуни 2017, Скопје
Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги реализирал сите 45 ревизорски извештаи кои биле планирани во програмата за 2016 година. 39 државни институции биле субјект на ревизија на регуларност, додека на 6 мерки била извршена ревизија на успешност во која се мерела нивната ефикасност и ефективност. На веб страната на ДЗР јавно се објавени 26 конечни извештаи од овие ревизии, се наведува во извештајот од следењето на работата на Државниот завод за ревизија, изработен од Фондацијата за демократија на Вестминстер и Центарот за економски анализи (ЦЕА).
Според наодите на извештајот само 8 од 39 институции кои биле субјект на ревизија одговориле на прашалникот со кој од нив се барало да го опишат искуството од соработката со ДЗР. Сите кои одговориле изразиле задоволство од соработката и сметале дека со спроведувањето на ревизијата ДЗР помага во подобрувањето на квалитетот на работењето на институцијата.
Ова е втор квартален извештај кој ја следи транспарентноста на работата на ДЗР, перцепциите на субјектите на ревизија, медиумите и општата јавност за ДЗР, резултатите од работата на ДЗР и релациите помеѓу ДЗР и Собранието на РМ.
“Во принцип, ДЗР ги објавува скоро сите информации кои се од јавен карактер. На нивната веб страница можат да се најдат сите ревизорски извештаи. Но, како дополнителни информации, ДЗР во просек месечно објавува само една до две информации, и тоа главно на протоколарни меѓународни конференции. Главниот впечаток на новинарите и општата јавност кои учествуваа во мониторингот е дека е потребна поголема медиумска застапеност на ДЗР за нагласување на наодите од ревизорските извештаи. Дополнително, веќе е време да се размислува за задолжително разгледување на ревизорските извештаи на Комисија за финансирање и буџет, па дури и на седница на Собрание”, смета Габриела Димоска, од Центарот за економски анализи (ЦЕА), која е еден од авторите на вториот квартален извештај.
Новинарите кои биле опфатени со истражувањето сметаат дека иако на веб-страната на ДЗР можат да најдат корисни информации, сепак би било полезно доколку Државниот завод за ревизија организира периодични прес-конференции на кои би се презентирале наодите од ревизорските извештаи. Медиумите се всушност и главниот начин преку кој граѓаните се запознаваат со работата на ДЗР, бидејќи само мал процент редовно ги следи ревизорските извештаи.
Интересно е тоа што голем дал од испитаниците би сакале да предложат субјект за вршење ревизија, но воопшто не знаеле дека имаат таква можност.
Извршувајќи ја својата работа во 2016 година Државниот завод за ревизија доставил 7 ревизорски извештаи до Јавното обвинителство, за кои сè уште не е добиен повратен одговор. Општина Кочани, Министерство за економија, ЈП Македонија пат и Министерство за образование и наука, се само дел од институциите на кои се однесуваат овие извештаи.
“Ова е втор од шест планирани извештаи, и Фондацијата за демократија на Вестминстер, заедно со Центарот за економски анализи ќе продолжи да ја следи работата на ДЗР и во периодот пред нас. Во исто време, ќе работиме со новиот состав на Собранието на Република Македонија на воведување на пракса на разгледување на ревизорските извештаи во рамките на работата на Собранието, пракса која што постои во сите развиени демократии и има за цел зголемување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, рече Дамир Незири од Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Извештајот, кој е подготвен во рамки на проектот: “Подобрување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, е имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD), Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за комуникациски студии (ИКС), со поддршка од Британската амбасада во Скопје.
Photo 1: Габриела Димовска, истражувач во Центарот за економски анализи (ЦЕА), Дамир Незири, Програмски менаџер во Фондацијата за демократија на Вестминстер
Photo 2: Габриела Димовска, истражувач во Центарот за економски анализи (ЦЕА), Дамир Незири, Програмски менаџер во Фондацијата за демократија на Вестминстер
Photo 3: Габриела Димовска, истражувач во Центарот за економски анализи (ЦЕА), Бранко Смилевски, раководител на ревизии во Државен завод за ревизија (ДЗР), Александар Поповски, Генерален секретар на ДЗР
Инфографик 2 квартален извештај