Македонското здружение на млади правници анализираше како министерствата во 2017 постапуваа при спроведување на обврските што произлегуваат од актите кои го уредуваат процесот за процена на влијание на регулативата (ПВР).
Анализата е изработена во рамки на проектот „Проценка на влијание на регулатива во сенка“ финансиран од Европската Унија и спроведуван од Институтот за демократија и Центарот за економски анализи.
Документот посветува подеднакво внимание на формалните, но и на суштинските барања што се однесуваат на изработените документи и на темелноста на анализите што се задолжителен дел од ПВР. Притоа при спроведувањето на ПВР се констатираат значајни недоследности формална и суштинска гледна точка. Кај 70% од објавените закони на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР по објавувањето на нацрт-извештај од проценка на влијание не е објавен следниот – предлог извештај од ПВР.
Конкретно, наодите покажуваат дека за 6 закони воопшто не е спроведен ПВР, додека за 8 постојат недоследности во некоја од фазите. Во најголем дел од случаите изостанува детален опис на проблемот кој бара потреба од измена или донесување ново законско решение и мошне ретко се користат статистички, демографски или податоци од научни и стручни студии, како и отсуство на детално образложение и анализа на влијанијата кои одреден закон или измена ќе ги има врз општеството.
Врз основа на увидените недостатоци, а имајќи ги предвид добрите практики од другите земји, анализата дава соодветни препораки за подобрување на системот на ПВР во Македонија.
Меѓу другото се препорачува во Деловникот на Владата да се уреди дека предлог-закон не може да биде усвоен на седница на Владата доколку кон него не е приложен извештај за спроведен процес за ПВР, како и доказ дека предлогот бил објавен на ЕНЕР. Се препорачува и започнување на консултациите со засегнатите страни уште во фазата на дефинирање на стратешките документи и програмите. Обврската на министерствата да го спроведуваат процесот за ПВР да се издигне на ниво на закон наместо да биде заснован на Деловникот на Владата. Извештајот за ПВР да биде анекс на предлог-законското решение, и да не може да се гласа за предлогот за измена/дополнување или за целосно новиот закон ако не биде одобрен извештајот.
Целосниот извештај со сите наоди и препораки е достапен на следниот линк: Анализа на спроведувањето на ПВР од страна на министерствата во РМ во 2017 година.