Повод на ова ЦЕА соопштение е Завршната изјава на ММФ по повод нивната Article IV посета и неколкуте специфични препораки кои ги предлагаат за постепена фискална консолидација.
- ММФ предлага поефикасно собирање на данокот на додадена вредност-ДДВ. Овде сакаме да укажеме дека ММФ акцентот го става на ефикасноста на УЈП, а не на даночните стапки и/или даночната база. ММФ смета дека Дирекцијата за големи даночни обврзници може да го зголеми својот капацитет во зголемување на опсегот и соодветно управување на ризиците. Јасно е дека големите даночни обврзници придонесуваат со најголем удел во вкупно прибраните приходи по основ на ДДВ и на тој начин се и најиздашни и административно најефикасни за управување со добро поставен и таргетиран систем за управување на ризици со тие големи ДДВ обврзници.
- Дополнително, во смисла на зголемена ефикасност на управување на ДДВ, ЦЕА предлага Законот за ДДВ да се прочисти, измени и дополни по претходна евалуација на сите измени и дополнувања кои настанале во последните десетина години во овој закон.
- Македонија мора да поработи на зголемена ефикасност во јавните финансии и да ги лоцира изворите на внатрешни заштеди. ММФ препораките даваат нов импулс кон потребата за зголемена ефикасност на јавните финансии во Република Македонија. Имено, ММФ и порано има укажано дека во Република Македонија секој милион евра јавни инвестиции се всушност со 55% ефикасност или со други зборови јавните инвестициии во Република Македонија може да бидат поефикасни за 45% со подобра селекција на проекти, нивна оценка, имплементација и евалуација.
- Македонија може да ја зголеми ефикасноста во јавните финансии со воведување на буџет базиран на резултати (performance budgeting). ЦЕА има пресметано дека очекуваните бенефити од воведување на буџетирање по перформанси е во рангот од 13%-40% на бруто додадена вредност од БДП. Ова се можни бенефити во рангот од 850 милиони евра до 2,5 милијарди евра градуирано во наредните 50 години од моментот на воведување на буџет базиран на резултати (performance budgeting).
- ЦЕА не се согласува со ММФ за „повисок данок на имот“. Данокот на имот е изворен приход на единиците на локална самоуправа-ЕЛС на Република Македонија. ЕЛС и сега имаат можност да избираат од рангот на пропорционалните стапки од 0,1% до 0,2%. Сепак, градоначалниците ретко се одлучуваат да излезат пред Советите со предлог за горниот лимит на пропорционална даночна стапка за данок на имот (само 10% од ЕЛС имаат пропорционална стапка од горниот лимит). Објаснувањето може да биде во политичката сензитивност од воведувањето на една политика на повисоко оданочување на имот не само заради можноста за плаќање на граѓаните туку и заради тоа што преференциите на локалните граѓани во повеќето ЕЛС не можат да бидат откриени заради релативно нискиот степен на партиципативност во изработка на програмите во буџетот и/или заради нискиот степен на фискална транспарентност т.е. деволуцијата во системот на децентрализација не е на задоволително ниво во Република Македонија.
- ЦЕА предлага внимание да се посвети на структурата и квалитетот на децентрализацијата во Република Македонија, а не на механичкото зголемување на приходите преку повисоки даночни стапки и повисока даночна база. ЦЕА пресмета дека со примена на даночната стапка од горниот лимит од 0.2% ЕЛС можат да ја намалат зависноста од централната власт во обем од 1-10 процентни поени во зависност од структурните претпоставки позади социо-економијата кои ги движат приходите на локалната власт.
- Нови давачки на ниво на ЕЛС во Република Македонија. ЦЕА предлага да се оцени потребата од оданочување на капитализирањето на личниот недвижен имот кој доаѓа од подобрена инфраструктура која е резултат од инвестиција од ЕЛС. Во тој случај би можело да се размисли за воведување на Специјално оданочување т.е. Давачки за подобрување (таканаречени betterment levy).
- ЦЕА предлага и поефикасно имплементација на комуналната такса за истакнување на фирма на ниво на ЕЛС со воведување на оданочување според тип на индустрија, големина на претпријатие, број на вработени.
- ЦЕА укажува на потребата од транспарентно собирање и трошење на наменските локални даноци. Еден пример е надоместокот за производство на енергија од фосилни горива на конто 718138. Овде во 2009 година ЕЛС добија нешто повеќе од 23 милиони денари (три општини) согласно соодветната уредба(и) но после 2009 година уредбата(ите) не се спроведува(ат) и приходи не се регистрираат кај ЕЛС од оваа политика.
- ММФ предлага зголемување на старосната граница за пензионирање. ЦЕА не се согласува со политики кои водат кон одржливост на првиот пензиски столб, а се потпираат претежно на демографски подлоги и атрибути бидејќи причините за неодржливоста на првиот пензиски столб во Република Македонија не се пред се од демографска природа, движења и динамика. Предизвикот е што очекуваните позитивно интертемпорални ефекти за зголемување на број на работни места пред се од воведувањето на рамниот данок и од намалувањето на придонесите и кои нови работни места требаше да доведат до нето зголемени придонеси за пензискиот фонд не се остварија.
- Во таа насока, ММФ треба да укаже на владата дека trickle-down економија е неефикасна и генерира нееднаквост. Улогата на секоја влада не е да вработува и да креира работни места туку да креира амбиент за претприемачи за да тие претприемачи креираат работни места. При исклучителни ситуации извршната власт може да дава импулси на пазарите за да ги стабилизира но тие импулси во вид на субвенции треба да се од транзиторен карактер, а не трајна определба и да се оправдуваат низ политичкиот механизам на владеење бидејќи немаат никаква подлога во ефикасна пазарна економија. Евидентни се нееднаквоста која се креира во Република Македонија и емигрирањето на населението. ММФ има обврска да укаже согласно нивните емпириски истражувања дека ако доходот за 20% најбогати се зголеми тогаш БДП растот опаѓа на среден рок затоа што бенефитите не стигнувааат до најсиромашните. Спротивно на тоа ако доходот на 20% најсиромашни се зголеми тогаш тоа ќе биде придружено со повисок економски раст. Крајниот заклучок на самиот ММФ е дека сиромашните и средниот слој на населението се најважни за економски раст не само преку економски канали туку и преку општествени и политички канали.
ЦЕА тим
Целосното соопштение е достапно на следниот линк