Во Северна Македонија во 2019 година во општините имало вкупно 5.655 вработени административни службеници. За својата работа во 2019 година, општините им исплатиле вкупна основна плата од 1.241.925.366 денари, што значи дека просечната месечна основна плата (основица) на еден административен службеник во една општина изнесува 18.823 денари.
Иако основните плати на административните службеници учествуваат во просек со 4% во вкупните расходи на општините, сепак вкупните основни плати за градоначалниците, административните службеници и другите вработени во општините учествуваат во просек со 34% во вкупните расходи.
Една општина годишно во просек обезбедува 635 денари основна плата за сите административни службеници (или 22 денари основна плата за еден административен службеник) за да може да опслужат еден граѓанин.
Општините Брвеница, Демир Капија, Кавадарци и Гази Баба исплаќаат највисоки плати за административните службеници чиј износ на основната плата се движи од 25.000 до 26.400 денари, не вклучувајќи ги придонесите и другите додатоци како што се бонуси, платена прекувремена работа итн. Од друга страна, општините Ранковце, Старо Нагоричане, Градско и Македонски Брод исплаќаат најниски основни плати на административните службеници, чии плати се движат во износ од 11.200 до 13.000 денари.
Даночните приходи и колку платиле граѓаните за данокот на имот во 2019 година?
Во 2019 година, даночните приходи по глава на жител изнесуваат 3.532 денари. Еден граѓанин од општина Илинден минатата година во просек платил данок во висина од 9.462 денари, додека граѓанин од општина Арачиново, минатата година во просек платил данок во висина од 366 денари.
Во 2019 година, приходите од данокот на имот по глава на жител во просек изнесуваат 1.291 денар, што значи дека приходите од данокот на имот на општините учествуваат со 37% во вкупните даночни приходи. Еден граѓанин од општина Илинден во 2019 година во просек плати 5.824 денари за данок на имот. Високиот износ на данокот на имот во општина Илинден се должи на повисоката стапка во 2019 година која изнесуваше 0,2%, при што истата во 2020 година е намалена. Од друга страна, еден граѓанин од општина Центар Жупа во 2019 година во просек платил 163 денари за данок на имот додека во општина Арачиново 186 денари.
Дали прибраните даночни приходи се доволни да ги покријат основните плати на административните службеници?
Основните плати на административните службеници во општините во просек учествуваат со 34% во вкупните даночни приходи на општините. Постојат општини каде прибраните даночни приходи не се доволни ниту за покривање на основицата на административните службеници, но не поради високите плати туку најчесто поради ниската наплата на даноците.
Дали платениот данок е доволен за да се покријат капиталните инвестиции во општината?
Кај 72% од општините, прибраните даночни приходи не се доволни за покривање на капиталните расходи и најчесто тоа е случај кај помалите општини како што се Новаци, Липково, Центар Жупа, Карбинци и Пехчево.
Во 2019 година, еден граѓанин од општина Новаци во просек платил 1.744 денари за даноци на општината. Капиталните расходи по глава на жител во општина Новаци изнесуваат 15.755 денари, од кои еден граѓанин на општината со својот платен данок учествува со 11% во вкупниот расход додека, остатокот од 89%, општината го обезбедува преку други извори на финансирање.
Од друга страна, во општина Аеродром во 2019 година, капиталните расходи по глава на жител се релативно ниски и изнесуваат 479 денари, додека еден граѓанин во просек платил даноци на општината во висина од 4.882 денари.
Повеќе информации на следниот линк.