Значењето на ревизорските извештаи во борбата против корупцијата беше тема на одржаната онлајн обука на ден 18.05.2021 година, организирана од страна на Транспаренси Интернешнл Македонија. На обуката покрај претставниците од Државниот завод за ревизија учествуваа и претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Академијата за судии и јавни обвинители, обвинители од јавните обвинителства во државата и Центарот за економски анализи.
Обуката се реализираше во рамки на Проектот за граѓанско учество со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и има за цел да ја зајакне соработката помеѓу институциите надлежни за борба против корупцијата во насока на подобрување на меѓусебната соработка и постапување на надлежните институции, а во врска со констатираните состојби во конечните ревизорски извештаи на ДЗР.
Во улога на обучувач на обуката се претстави Росица Шалевиќ Христовска, помошник на главниот државен ревизор, која ја презентираше структурата на ревизорските извештаи како и методологијата за вршење на државната ревизија.
Ревизорите потенцираа дека согласно Законот за државната ревизија, доколку овластениот државен ревизор при ревизија оцени дека субјектот сторил прекршок или кривично дело е должен веднаш да ги извести надлежните органи за натамошно постапување.
Токму за таа цел, ДЗР во континуитет ги известува Јавно обвинителство, МВР и ДКСК преку доставување на конечните ревизорски извештаи во кои се детектирани индиции за можни финансиски злоупотреби и незаконско постапување и на тој начин активно придонесува во борбата против корупцијата.
Во делот за прашања и дискусија, учесниците на обуката активно дискутираа за досегашните искуства и соработката помеѓу клучните институции надлежни за борба против корупција и беа дадени сугестии и предлози како да се зајакне и интензивира оваа соработка и постапувањето на надлежните институции по конечните ревизорски извештаи на ДЗР.
…