Целта на овој документ е да се даде независна оценка за напредокот од исполнувањето на мерките кои се идентификувани од граѓанскиот сектор на Република Македонија, а објавени во документот „Предлог на граѓански организации за итни демократски реформи“за периодот од 12-те месеци на Владата на Република Македонија.
Документот „Предлог на граѓански организации за итни демократски реформи“ (јули 2017) е надградена верзија на „Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи“ за следните 6, 9 и 12 месеци, кој беше верификуван и од Европската унија, а е резултат од работата на 73 граѓаорганизации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули 2017 година, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.
Со предлозите за реформи се цели да се даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на кредибилни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но не е гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава.
Планот 18 е изготвен самостојно од владата без консултирање и вклучување на граѓанските организации, а потоа истиот е презентиран и пред високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија Федерика Могерини. Согласно изјавите на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, закажаната седница на Владата на која треба да се усвои овој план е само 2 работни дена подоцна од денот кога Планот 18 е за првпат презентиран пред граѓанскиот сектор, а по барање на претставниците на граѓанските организации на самата средба седницата е презакажана за три дена подоцна, до кога ќе се чекаат коментари и предлози од страна на граѓанскиот сектор. Според изјавите на владините претставници, ваквиот распоред на настаните се должи на закажаниот јунски самит на ЕУ.
ЦЕЛОСНИОТ ДОКУМЕНТ Е ДОСТАПЕН НА СЛЕДНИОТ ЛИНК: Мониторинг на исполнувањето на мерките од Итните демократски реформи