Градењето на ефикасни структури на управување, коишто базираат на локалната реалност, се од витално значење за процесот на праведна енергетска транзиција. Суштински предуслов за јавните политики засновани на локални специфики според местото каде тие политики треба да се применат (place-based policy) се идентификување и имплементација на добри практики, кои се креираат во партнерство со локалните засегнати страни и групи, за истите соодветно да можат да одговорат на влијанијата од енергетската транзиција токму во тие места.
Овој краток документ ги разгледува политиките на енергетска транзиција и степенот до кој процесите на управување и вклучување на засегнатите страни можат да обезбедат резултати кои се општествено и просторно праведни. Случајот на Република Северна Македонија (РСМ) се користи како пример во идентификување на предизвиците во управувањето на декарбонизацијата и праведната енергетска транзиција. Иако темата е сложена и не може директно да се примени, сепак искуството на РСМ може да пренесе релевантни лекции и за другите земји во регионот на Западен Балкан (ЗБ), преку споделување на предизвиците во процесот на праведна енергетска транзиција.
Иако расте свесноста за потребата од промена кон поодржлив енергетски пазар, економските и општествените трошоци претставуваат голем предизвик. Во поширок контекст на декарбонизацијата, сепак затворањето на термо електраните кои работат на јаглен, не претставува прашање на тоа дали ќе се затворат и кога, туку клучното прашање е како ќе се спроведе процесот на декарбонизација. РСМ има законодавна и политичка рамка за поттикнување на обновливи извори на енергија и на енергетската ефикасност, но и покрај ваквите заложби, постои простор за унапредување, особено поради: 1) нејасните оперативни структури на управување; 2) недоволните инвестиции; 3) ограничената вклученост на засегнатите страни; 4) празнините во регулаторните рамки; 5) лимитираната општествена прифатеност; и 6) енергетската безбедност. Затоа, идентификувањето и примената на добрите пракси за управување со енергетската транзиција како и активното вклучување на засегнатите страни е од суштинско значење.
Управувањето со процесот на праведна зелена транзиција во РСМ претставува заеднички напор помеѓу повеќето владини субјекти и различните чинители од граѓанското општество и од приватниот сектор. Централната власт ја поставува сеопфатната регулаторна рамка и политики, вклучувајќи ги и целите за нивото на емисии и на механизмите за поттикнување на производството на обновлива енергија и на одржливите практики низ различните сектори. Управувањето на овој процес бара координиран напор и преговори меѓу сите одговорни за практичното спроведување и за следењето на процесот.
Целосната публикација достапна тука.