Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје(ИДСЦС) спроведоа мониторинг на транспарентноста и отчетноста на буџетските корисници.
Мониторингот кој се спроведе во мај и јуни 2014 година мереше: 1) Транспарентност на јавните пари – јавно споделени информации за програмите и буџетот на буџетскиот корисник и 2) Отчетност на резултати – процедури на отчетност и мерење на резултати,односно перформанси на буџетските корисници.
Прашалникот врз основа на кој се мониторираше Интернет транспарентноста на институциите се состоеше од 32 прашања од кои 17 беа превземени од Прашалникот на Иницијативата за отворен буџет (OBI) и прилагодени на македонскиот контекст.1 Одговорите на прашањата беа вреднувани од 0 до 2 поени, освен на последното прашање кое беше вреднувано од 0 до 5, при што максимум можни освоени поени на прашалникот се 67.
Во делот на транспарентност на јавните пари наодите се базираат на мониторинг на 60, од вкупно 91, буџетски корисник (66% од сите буџетски корисници).
Анализата на резултатите по институции покажа дека ниедна од 60-те набљудувани буџетски државни институции не може да се оцени како буџетски транспарентна.

  • Единствен позитивен пример за транспарентност на резултатите од ревизија е самиот Државен завод за ревизија.
  • Единствен позитивен пример за транспарентност на месечните буџетски извештаи е Фондот за здравствено осигурување.
  • Дирекцијата за заштита на личните податоци е позитивен пример за институција која ги има објавено сите годишни извештаи од нејзиното основање.
  • Само 3,3% од мониторираните државни институции на својата веб страница го имаат објавено тековниот буџет на институцијата;
  • Голем број, дури 90% од институциите не ја објавуваат завршната сметка;
  • Ниту една од институциите во својот буџет не вклучува аутпут показатели за расходните програми;
  • Само 13,3% од институциите објавуваат годишни или полугодишни извештаи за реализација на програмите од буџетите;
  • 39,17% од институциите не објавуваат никакво објаснување за разликата во предвидените и реализираните расходи;
  • 71,67% од институциите не го објавуваат стратешкиот план, а 80% не ја објавуваат програмата за работа за тековната година;
  • Ниту една од институциите што го објавува буџетот не го објавува во поедноставена форма, разбирлива за граѓаните, како на пример Граѓански буџет.
  • Ниедна од институциите нема постигнато позитивна оценка за буџетска транспарентност
    ниту за половина од индикаторите, но споредено меѓу сите институции, буџетски најтранспарентна институција е Агенцијата за остварување на правата на заедниците – степен на транспарентност од 38%, потоа Фонд за здравствено осигурување – степен на буџетска транспарентност од 34% и Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер – степен на буџетска транспарентност од 30%.

Во делот на Отчетност на резултати – процедури на отчетност и мерење на резултати, односно перформанси на буџетските корисници беа интервјуирани/анкетирани 32 институции,односно 35% од 91 буџетски корисник и беше утврдено дека:
– Само 21,9% од институциите користат пропишана методологија за евалуација на постигнатите аутпути од програмите;
– Само 34,4% од институциите ги имаат поврзано своите завршни сметки на буџетот со показателите на аутпути и на резултати од соодветните програми;
– 28,1% од интевјуираните државни службеници сметаат дека има недостиг на човечки ресурси за подготовка на буџетите;
– Вкупно 90,6% од интервјуираните државни службеници одговорија дека немаат програма за обука на персоналот за нови начини на презентација на буџетот;
– Дури 31,3% од интервјуираните државни службеници не слушнале што е буџет базиран на перформанси, додека 50% слушнале, но не знаат точно што тој претставува.

Целиот извештај од мониторингот можете да го најдете на следниве линкови:

http://cea.org.mk/documents/cea_idscs_izvestaj%20od%20monitoring_mkd.pdf

 http://idscs.org.mk/images/performancebudgeting/CEA-IDSCS-Izvestaj-od-monitoring-FINAL-MKB5.pdf
Мониторингот беше спроведен во рамките на проектот „Зголемување на транспарентноста и отчетноста преку буџетирање по перформанси” кој го имплементираат ЦЕА и ИДСЦС, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да промовира буџетска транспарентност за отчетно трошење на јавните финансии.
Повеќе информации во врска со проектот можете да добиете кај Марјан Николов на мејл:info@cea.org.mk или посетете ги веб страните www.cea.org.mk и www.idscs.org.mk.

Оваа публикација е изготвена со помош на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на Центарот за економски анализи и н Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.