Кога станува збор за финансиската одржливост на граѓанските организации (ГО) во Македонија повторно и со наодите од фокус групите како и со наодите oд претходните истражувања кои Центарот за Економски анализи (ЦЕА) ги спроведе во рамки на проектот Фискална децентрализација за подобар регионален развој на граѓанското општество поддржан од Цивика Мобилитас се потврдува зависноста на ГО од странските донатори. Граѓанските организации од сите региони освен Скопскиот, сметаат дека би имале финансиска одржливост на долг рок доколку имаат поддршка од ЕЛС, додека пак во Скопскиот регион, ГО воопшто не очекуваат ниту се финансиски зависни од поддршката на ЕЛС. Граѓанските организации сметаат дека не постои ефикасно дистрибуирање на средствата од ЕЛС наменети за ГО. Дополнително, не постои ниту континуитет и со тоа се ограничува можноста ГО да опстојат во случај доколку се намалат и повлечат странските донатори.

Граѓанските организации имаат релативно добро развиени човечки капацитети за спроведување на своите тековни активности но сепак одреден дел се  соочуваат со  проблем на недостаток на човечки ресурси, и недоволно развиени капацитети,   а како една од главните причини за тој недостаток се споменува отселувањето на млад и образован кадар. Од резултатите од фокус групите, забележана е незаинтересираност на ГО и недостаток на желба за присуство на одредени настани организирани од други ГО и покрај можноста за вмрежување и остварување контакти за идна соработка. Дополнително, неформалните мрежи за соработка на ГО не функционираат на долг рок поради недостаток на финансиски средства и различниот степен на развој на ГО кои учествуваат во мрежите.

Во врска со степенот на соработка на ГО со ЕЛС и Центрите за рамномерен регионален развој може се заклучи дека истата не е на задоволително ниво. Граѓанските организации не се доволно активни во донесување на локалните политики, отсуствува политичка волја и согледување на користите за граѓаните од прифаќањето на одредени граѓански иницијативи за локални политики. Особено значајна е улогата на граѓанските организации кои делуваат во руралните средини. Токму ГО се тие што им нудат поддршка на руралните општини и кои го надополнуваат недостатокот на капацитет во истите. Сепак можноста за влијание на ГО е ограничена а видливи се и разлики во развојот на ГО кои делуваат во урбаните од оние кои се во рурални средини.

Соработката на ГО со бизнис секторот исто така е на незадоволително ниво, а во повеќето региони скоро и да не постои. Најчесто начинот на соработка со бизнис секторот е искажан преку ин-кинд поддршка, обезбедување на простор и материјална поддршка, а поддршка за директно поддржување на граѓански инцијативи речиси и да нема. Иако бизнисите најчесто се запознаени со Законот за донации и спонзорства сепак постојат одредени административни и политички бариери како и недостаток од информации за можно финансирање на инцијативи од ГО.

Во Вардарски и Југоисточен регион недостасува професионализам во организациите бидејќи се формираат ГО исклучиво само за да користат одредени бенефиции и потоа згаснуваат односно повеќето од ГО кои се активни не се професионализирани туку членовите на ГО се повремено ангажирани за одреден проект или активност со цел зголемување на личните приходи надвор од редовното вработување.

Понатаму укажуваме на неколку спецификации за секој регион поединечно.

Вардарски плански регион

Во Вардарски плански регион граѓанскиот сектор е релативно слабо развиен, а ГО кои присуствуваа на фокус групата сметаат дека како последица на тоа се отежнува процесот во идентификување организација со која би можело да се оствари соработка. Во општина Лозово, на пример, единствена регистрирана и активна ГО е Организација на жени, додека пак во останатите рурални средини нема активна ГО.

Локацијата на Центарот за регионален развој на Вардарски регион е значаен фактор за информираноста на ГО од регионот. Организациите кои не се регистрирани во општината каде се наоѓа Центарот, се малку запознаени или воопшто не се запознаени со неговото работење.

Источен плански регион

Постои силен политичкиот притисок врз граѓанските организации од Источен регион кои не се прифатени од страна на моментална власт како и недостатокот на финансиски средства кои ја доведуваат до прашање финансиската одржливост на самите организации.

Југозападен плански регион

Во Југозападен регион, како една од причините за малиот број на активни ГО се наведува недостатокот на развиени капацитети кој се сведува на ГО кои се регистрираат поради некои нивни лични интереси и затоа понатаму се соочуваат со проблем во активизмот и имплементирање на активности.

Југоисточен плански регион

Согласно развојот на граѓанското општество во Југоисточен регион, ГО сметаат дека граѓанското општество во Струмица е подобро развиено во споредба со другите градови и региони. Тие сметаат дека поддршката од општините е многу значајна за опстојување на организациите поради јазот кој се јавува помеѓу времетраењето на два проекти.

Пелагониски плански регион

Во Пелагониски регион, општините најчесто издвојуваат средства за наменски активности и ги поддржуваат ГО преку ин-кинд поддршка или покривање на режиски трошоци. Степенот на соработка на ГО од Пелагониски регион со бизнис секторот е на ниско ниво. Тие сметаат дека бизнис секторот нема директна корист или можност од ГО. Трошоците за подготвување и доставување на понуда до бизнис компаниите која треба да ја разгледаат се високи, па поради тоа и ГО не посегнуваат кон соработување со бизнис секторот.

 

Полошки плански регион

Граѓанските организации од Тетово сметаат дека граѓанскиот сектор е добро развиен во градот но  генерално во регионот не е доволно развиен споредбено со останатите региони.

Граѓанските организации  во Полошки регион имаат релативно добра соработка со бизнис секторот. Тие служат како линк кој ги поврзува младите со бизнис компаниите како за обавување пракса  на одреден времески период така и прават обиди за запознавање на бизнис компаниите со ГО и нивната работа и колку е битна соработка меѓу нив. Отвореноста и желбата на бизнис секторот и младите е значајно за да се оствари взаемна корист.

Североисточен плански регион

Во Североисточен регион нема доволно вмрежување меѓу ГО и постои само посветеност кон проектни активности и ретко ГО си даваат поддршка една на друга. Ваквата соработка изостанува бидејќи не постојат владини, регионални или локални програми кои би послужиле да ги поврзат ГО за да се оствари долгорочен потенцијал. Други фактори кои влијаат врз слабиот развој на граѓанското општество се  отсуството на алтруизам и волонтеризам бидејќи лицата не сакаат да работат надвор од она за што се платени како и незаинтересираноста на младите луѓе кои се гледаат во јавната администрација или надвор од државата. Најчесто општините аплицираат на проекти за инфраструктура кај Центарот за регионален развој на Североисточен регион но не преку објавување на повик туку со претходно донесена одлука. Иако постојат одредени дејности во кои ги вклучува ГО сепак Центарот нема повици наменети за ГО.

Скопски плански регион

Граѓанските организации имаат диверзифицирано портфолио на финансирање и најчесто се финансираат од странски донатори и ЕУ фондови. Скопскиот регион е единствениот регион во кој сите присутни ГО имаат вработено од 5 до 9 лица со исклучок на една ГО која поради својата големина, обемот и опфатот на делување заедно со своите подружници во Скопје има 55 вработени и 200 волонтери. Дел од организациите организираат обуки за зајакнување на капацитетите на помалите и помлади ГО. Иако на локално ниво, скоро сите општини во Скопје имааат повици за финансирање на ГО,  тие најчесто финансираат културни манифестации и спортски клубови, додека помалку се насочени кон ГО кои делуваат во други дејности. Општините Аеродром, Центар, Карпош и Кисела Вода повеќе се насочени кон финансирање на локалните спортски клубови и културно уметнички друштва.

Соработка на ГО со скопските рурални општини е на повисоко ниво отколку соработката со урбаните општини. Дел од руралните општини самите бараат помош од ГО за одредена тематика. Имено, руралните општини се отворени за соработка  но имаат многу слаби капацитети за работа и многу малку придонесуваат за ГО.

Иако во Скопскиот регион постојат поголем број на ГО кои соработуваат и се финансираат од бизнис секторот, стапувањето во контакт и остварувањето соработка со истиот е тешко и вообичаено тоа се прави преку други канали бидејќи бизнисите немаат доверба во малите и млади ГО.

Целосниот извештај е достапен на следниот линк 

 

Оваа публикација е изготвена во рамките на проектот: “Фискална децентрализација за подобар регионален развој на граѓанското општество”  имплементиран од Центарот за економски анализи – ЦЕА

 Поддржано од грант на CIVICA MOBILITAS