Завршна конференција на проектот ПВР во сенка: Промовирање на креирање на политики базирани на докази

Центарот за економски анализи – Скопје (ЦЕА) и Институтот за демократија „Социетас Цивлис“ (ИДСЦС) , денес (18 декември) во хотел Солун ја одржа завршната конференција „Проценка на влијание на регулатива – Суштински процес или формалност?“, во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање на политики базирани на докази“, финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

На конференцијата се разговараше за состојбите и предизвиците на процесот ПВР во Република Северна Македонија, како и за резултатите од проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка“. На конференцијата беа присутни претставници од министерствата и граѓанскиот сектор.

„Прашањето е дали ПВР процесот е суштински или е формализиран. Многу е површно доколку ПВР се сфати како процедура, но не и суштина. Ова е суштински процес, но тоа што во Македонија не се мери и не се гледа на овој начин може да го дефинира како формалност. Ние не треба да се откажеме од тоа дека треба да го гледаме како суштина. Законската регулатива мора да биде прилагодена и пресметана пред да биде донесена за потребите на оној на оној на кој што се однесува“, вели Марјан Николов, Претседател на ЦЕА.

Во насока на зголемување на употребата на истражувањата од граѓанскиот сектор во процесот на Проценката на влијание на регулатива ќе биде презентиран и Ресурниот центар за Проценка на влијаније на регулатива, алатка која содржи речиси 800 анализи изработени од граѓанскиот сектор кои се сумирани според потребите за ПВР извештаите кои се подготвуваат во министерствата.