Николов: Граѓаните не се доволно свесни дека го финансираат буџетотmarjan-forum

Разговараше Ида Протугер Вељковиќ

Центарот за економски анализи (ЦЕА) пред неколку дена, во присуство на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), претстави „Граѓански буџет“ – публикација која е достапна и на интернет, а која на граѓаните им нуди едноставни и илустративни објаснувања за буџетскиот процес и управувањето со нивните пари. Марјан Николов, претседателот на ЦЕА, вели дека со граѓанскиот буџет се обидуваат да го надоместат кусокот на информации што постои, поради недоволна транспарентност на владините институции, особено Министерството за финансии.

Дали граѓаните според она што се објавува во медиумите и од страна на официјалните институции, се правилно информирани за тоа како се трошат јавните пари?

– Граѓаните на РМ се генерално финансиски неписмени, а за јавни финансии особено. Тие немаат чувство дека имаат личен интерес од буџетот, ниту дека тие всушност ја финансираат државата. Ние во ЦЕА сме свесни за тоа, но исто така не може да очекуваме сите граѓани да бидат експерти (иако понекогаш има тенденции и од медиумите и од донаторите да креираат експерти). Ова е долг процес на едукација и може да вроди со успех само ако има волја кај политичките елити да увидат дека со информирани граѓани ќе имаат поквалитетна подршка за реформи на долг рок, односно ќе можат да креираат потенцијал за повисок потенцијален аутпут, а со тоа и повисок економски раст, иновации, желба за учење, иницијатива за преземање на бизнис – ризик, отпор против конформизмот. Другиот начин е да креирате амбиент на закрепостени буџетски случаи кои зависат од трансфери (н.з. буџетски приливи), кои се прилагодуваат преку конформизам, кои даваат подршка за политики се додека има трансфери. Овој начин не вродува со ефикасна пазарна економија. На пример, според мене широките политики и системот за привлекување на странски инвестиции се добро поставени. Но сега се поставуваат повеќе прашања за евалуација, идентификување на слабости, дополнително надградување на тој систем. Друг проблем и ризик кој може да настане е дека тие странски инвеститори во Технолошко индустриските зони (ТИРЗ) ќе оперираат како изолирани островца кои ќе немаат никаква економска поврзаност со домицилната економија. Вистински предизвик за домашните претприемачи и иновативни субјекти е да го искористат овој факт и да се поврзат со тие компании во ТИРЗ. Но, зошто домашните претприемачи би се занимавале со ова, во услови кога добиваат трансфери од буџетот, кога чекаат на вработување во владата, или кога има слободни јавачи кои предаторски го зграбуваат вашиот интелектуален труд без последици по нив? Уште еден пример за тоа како краткорочните потреби на политичките елити го ставаат под ризик долгорочниот потенцијален раст е образованието, каде се направија многу промени, но за квалитетот веќе анегдотски се зборува каков е. Мултипликаторот овде со тој квалитет на знаење на дипломирани и докторирани студенти може дури и да е негативен. Затоа, потребно е прво да има политичка волја од самите елити за тоа каква држава сакаат да градат, а потоа доколку се одлучат за ефикасна пазарна економија, да бидат транспарентни и да сакаат да ги информираат граѓаните и конечно да ги повикаат за партиципација. Ова е контекстот на размилсување од кој се водевме кога го инициравме проектот за прв Граѓански буџет во РМ.

Мисијата на ММФ ги соопшти заклучоците дека Македонија во моментот нема проблем со задолженоста, буџетскиот дефицит е соодветно позициониран, со порепорака новата фискална стратегија да содржи приоритети во расходите што ќе го поддржат економскиот раст. Како ги оценувате овие заклучоци и дали тие навистина се поддршка за буџетската политика што ја води Владата?

– Досегашните влади, граѓаните и медиумите во Македонија не се ослободија и не ја надраснаа потребата некој од надвор да им дава потврда за домашните политики. Втора работа е што малку се знае за улогата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), па често се прави конфузија дека е комерцијален кредитор, настрана од фактот што тој се занимава само со влади и централни банки. Трето, ММФ ги разгледува аспектите на економски раст во контекст на макроекономската и стабилноста кај билансот на плаќање. Четврто, ММФ маргинално може да укаже на потреби од раст на потенцијалниот аутпут, но на последно место му е какви политики за раст води државата. Конечно, ММФ не е ревизор кој ќе истражува дали статистиките кои му се презентираат се репрезентативни. Од аспект на изразувањето, ММФ си има своја терминологија која доколку се прочита внимателно може да се донесат попрецизни заклучоци споредено со изјавите на политичките елити (независно дали се на власт или не). На пример, кога ММФ во извештаите зборува за буџетски дефицит тоа е една работа, но кога зборува дека буџетскиот дефицит е на кеш основа, тоа веќе укажува на сосема нешто друго.8657302623_1914a9ae66_z

Една од важните констатации на ММФ беше дека Владата го искористи просторот што и го овозможија конзервативните политики во минатото и доби можност позначително да го зголеми буџетскиот дефицит за да се справи со кризата. Дали според вас, тој простор правилно се искористи и дали навистина може да сме мирни во однос на нивото и темпото на задолжување?

– За фискалните политики во Македонија може да се зборува статички и динамички. Статички гледано, во само еден пресек, може да се каже дека Македонија во моментот е солвентна и во моментот нема проблем со задолженоста, ги задоволува комотните нивоа на задолженост во однос на БДП и редистрибуцијата со трансферите од буџетот добро ги амортизираат потенцијалните ризици и конфликти на социјално загрозените слоеви. Монетарната политика е со намалени ризици, бидејќи девизните резерви се на задоволително ниво, инфлацијата е релативно ниска, нема балонска кредитна експанзија, банките се добро капитализирани и аверзични кон ризик, односно накусо, Владата и  Народна Банка вршат одлична работа.

Но, прашањето е колкав е ткн. акумулиран (accrual) буџетски дефицит, како ќе се направи потребното фискалното прилагодување (од приходна или расходна страна сеедно) во услови на потрошен фискален простор и зголемени недискрециски расходи и во услови кога конкурентоста ја одржувате преку ниска цена на работната сила и ниски даноци?

Натаму, како ќе се одговори на зголемените потреби на кредиторите за повисоки премии за нивниот капитал, што го носи пролонгираната криза во ЕУ како наш трговски партнер во иднина? Исто така, важно е и она што го нарекувам „меки политики“ во водењето на фискалната политика. Тоа е потребата од поквалитетно планирање, моделирање, прогноза, симулирање, подготовка на кредибилна фискална рамка на среден рок, која нема да се работи рутински, во која што ризиците ќе бидат идентификувани, влијанието и интензитетот на ризикот ќе биде квантифициран, финансискиот дел од буџетот ќе биде поефикасно врзан за стратегиските и приоритетните цели на владата. Заради релаксација на политичкиот амбиент, на сето ова треба да му се додаде и потребата од партиципативност и дебата за тие цели. Тоа е вистинскиот пат за управување со криза и градење на амбиент за повисок потенцијален аутпут. Патерналистичкиот начин каде креирате впечаток дека целото знаење е кај вас и ние не треба да се грижиме за ништо, е надмината категорија од времето на транзицијата во 90-тите.