Искуства на ГО во вмрежување на национално, регионално и локално ниво

Општоприфатено е дека мрежите на граѓанските организации се граѓански општествени групи, организации, а понекогаш и поединци кои доброволно се здружуваат да остварат заеднички цели за општествен развој или за да го унапредат демократското управување. Овие цели може да подразбираат широк дијапазон активности и подвизи како размена на ресурси, решавање заеднички општествени предизвици, па сè до изразување на идентитетот како заедница или социјална група. Со вмрежувањето во мрежи на граѓанското општество, вообичаено, членките ги задржуваат својата основна автономија, нивниот сопствен идентитет, како и својата мисија и работење. Граѓанските групи и организации формираат мрежи за постигнување заеднички цели за општествен развој и демократско владеење што не може да ги постигнат сами.

Мрежите може да го унапредат влијанието на граѓанскиот глас во процесот на застапување за политики и за унапредување на владеењето. Исто така, мрежите може да ги поврзат давателите на услуги преку размена на информации и ресурси или, пак, да развијат координиран систем за давање на тие услуги. Мрежите на граѓански организации може да бидат партнери на многу меѓународни организации за развој кои барат начини за максимизирање на опфатот и влијанието на нивните програми, тренд кој во Македонија е сè повидлив.

  1. Структурата на управување на мрежите е најразлична, меѓутоа кај сите мрежи ја задржува основата на демократска форма на управување, со сите општествени и правни норми на структура на управување. Мрежите може да бидат групирани според начинот на нивното водење, генерално, во неколку групи: 1) неформално водени, 2) репрезентативно водени и 3) формално и координирано водени. Членувањето е врз волонтерска основа и доброволно и секоја од членките цели кон зачувување на сопствениот идентитет.
  1. Формализацијата на мрежите во РМ има тенденција да укажува на тренд за поголемите и за постарите мрежи. Формализацијата обезбедува поголема одржливост, кредибилитет и структура на дејствување на политиките на национално ниво. Најчеста форма на формализација во правно лице е здружение на граѓани.
  1. Според опфатот, мрежите може да бидат широки и специјализирани во темите и прашањата на кои работат и може да се групираат во три поголеми групи: 1) хоризонтално општи вмрежувања, 2) хоризонтални комплементарни мрежи и 3) вертикални мрежи кои се специјализирани за дадено прашање/област.
  1. Најчестите причини и мотиви за вмрежување и членување во национални мрежи се, пред сè: а) поефективно и поефикасно застапување, следено од потребата за б) размена на ресурси и знаење, а со помал интензитет се јавуваат и мотивите за зголемување на човечките капацитети, изразувањето на идентитетот или како одговор на барањата на донаторите.
  1. Одржливоста на мрежите е главен предизвик и подеднакво голем за секоја од мрежите. Финансиските ресурси и нивната постојаност и предвидливост се клучен елемент за одржливоста. Исто така, важен елемент е и ентузијазмот и посветеноста на индивидуалните организации членови во мрежите при дејствувањето за остварување на заедничките цели. Одржливоста на мрежите е неопходно да се заснова на стратегиско планирање во кое ќе дадат придонес сите членки.
  1. Застапувањето претставува клучен мотив за вмрежување во Македонија, а перцепцијата на ГОи кои членуваат во нив укажуваат на потребата за уште поголема ефикасност и ефективност во застапувањето. Во таа насока, потребно е подобро искористување на доказите во процесот на застапување врз база на докази. Мрежите на ГОи, како и ГОи, имаат ограничено влијание врз политиките и врз граѓаните општо, тоа е делумно и поради процесите на носење на политиките во РМ, како и поради просторот на дејствување на ГОи (можноста за давање на видување, соочени со блокади и преиспитување), но често зависи и од капацитетите на ГОи и мрежите. Оттука, поинтензивното застапување врз база на докази би придонесло за ефективноста на мрежите, како и за нивниот легитимитет.

Целосното истражување е достапно на следниот линк: Ефективноста и одржливоста на мрежите на граѓански организации

Оваа публикација е овозможена со поддршка на CIVICA MOBILITAS во рамките на проектот „Фискална децентрализација за подобар регионален развој на граѓанското општество“ имплементиран од Центарот за економски анализи.

Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за економски анализи и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на CIVICA MOBILITAS, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или на организациите што ја спроведуваат.

Другите автори се должни да го наведат ова истражување ако е користено или ги информирало за нивните истражувања и публикации.